Груби: Албанскиот јазик ќе се официјализира во јануари (ВИДЕО)


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Албанскиот јазик во јануари, следната година ќе се официјализира на државно ниво, тврди претседателот на комисијата за европски прашања, Артан Груби, јавува ТВ21.

По тринеделна дебата и разгледување на амандманите од страна на политичките партии, законот утре ќе се достави до претседателот на Собранието за конечно усвојување на второто читање.

„Посакувам тоа да се случи во текот на годината, но според реформската агенда, убеден сум дека кон средината на јануари ќе го усвоиме и на тој начин ќе го заокружиме Охридскиот договор и ќе постигнеме јазична еднаквост. Ќе затвориме едно важно поглавје кое произлезе од Охридскиот договор и војната во 2001 година“, вели Груби.

Првото читање на законот наиде на противења од страна на ВМРО-ДПМНЕ, кои реагираа со реплики и контра реплики. Според оваа партија, овој закон ја прави Македонија двојазична држава и понуденото решение се коси со Уставот на Република Македонија.

Во втората фаза се поднесени 91 амандман од страна на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Беса. Што се однесува до бојкотот од опозицијата, Груби рече дека тие треба да гласаат за овој закон, бидејќи, во спротивно, процесот ќе се одвива и без нив.

„Посакувам ВМРО-ДПМНЕ да гласа за законот за јазиците, да дојдат и да се соочат со аргументите во врска со амандманите кои се доставени и од нив и од Беса“, додава Груби.

Овој предлог закон беше дел од Тиранската платформа која предизвика голема криза во Македонија. Евро комесарот за проширување, Јоханес Хан, за време на неговиот престој во Скопје, рече дека овој закон не е услов за влез во ЕУ, а опозицијата критикуваше дека власта неуставно го стави со европско знаменце само за побрзо да го протурка во Собранието.

Со новиот предлог-закон за употреба на јазиците, албанскиот јазик станува службен освен на локално и на централно ниво, со што Македонија и дефакто станува двојазична држава.