Ла Ла Ентони и Кармело Ентони, според медиумските извештаи, постигнале договор за разводот речиси една деценија откако се разделија.
Ла Ла (44) и поранешната НБА-ѕвезда Кармело (42) се разделија во 2017 година, но таа поднесе барање за развод дури во 2021 година. „Пипл“ и „Е! њуз“ во средата, на 4 ноември, објавија дека се очекува судската одлука за разводот.
Тие го имаат синот Кијан (19). Кармело ја има и ќерката Џенесис (9), која ја доби со поранешната девојка Миа Ејнџел Буркс во 2017 година, во периодот на разделбата со Ла Ла.
Љубовната приказна на Ла Ла и Кармело брзо се развивала. Се свршиле на Божиќ во 2004 година, а три години подоцна го добиле синот. Нивната свадба во 2010 година беше прикажана во реалното шоу „Свадбата на Ла Ла“ на Ви-Ејч-Уан.
Во 2022 година, во подкастот „Кол хер деди“, Ла Ла објасни дека преминувањето на Кармело од Денвер нагетс во Њујорк никс во 2011 година било „почетокот“ на крајот на нивната врска.
„Јас сум од Њујорк, па животот тука не ми е ништо ново. Но, кога живеевме тука под сиот тој притисок, работите почнаа да се усложнуваат“, рече таа, зборувајќи за големото медиумско внимание по преселбата на семејството во Њујорк. „Сега, кога ќе погледнам наназад, тоа на некој начин беше почетокот на распаѓањето на бракот.“
„Навистина е тешко“, додаде таа. „Тоа не е единствената причина што не успеавме, но во Њујорк стана тешко, бидејќи постојано бевме во центарот на вниманието и луѓето го следеа секој наш чекор.“
Една година претходно, Ла Ла зборуваше за поднесувањето на барањето за развод при гостувањето во „Шоуто на Енџи Мартинез“.
Извор: US Weekly