Понекогаш е доволно да смените само едно парче облека за целата комбинација да изгледа поинаку. Оваа сезона тоа можат да бидат ѕвонарките. Препознатливиот крој, со ногавици што се шират од колената надолу, сега доаѓа во пософистицирани изданија: од елегантни модели до варијанти од сомот, кожа и плиш. Лесно се приспособува на различни стилови и може да се носи и во секојдневни и во посвечени пригоди.
За разлика од некогашните модели, кои речиси неизбежно се поврзуваа со бохо-стилот, денешните ѕвонарки нудат многу поголем избор на текстури, бои и пропорции. Токму таа разновидност е повод да се разгледа како овој крој се појавува во понудата на популарните модни брендови.

@misyura_
Елегантни ѕвонарки за деловни комбинации
Ако сакате облека во која ќе изгледате дотерано, а која не е наменета само за посебни пригоди, класичните ѕвонарки се добар избор. Моделите од вискозни материјали, со нагласена половина и јасно обликувана силуета, убаво се комбинираат со кошули, тенки џемпери и блејзери.
За секојдневни деловни комбинации одговараат неутрални бои, како црна, сива, темносина и кафеава. Дискретните шлицови или интересните детали на ногавиците можат да му дадат посовремен изглед на целиот спој. Во комбинација со чевли со шпицест врв или чизми со потпетица, овој крој може визуелно да ја издолжи силуетата.

@selkolas

@selkolas
Сомот и волна за постудените денови
Сомотот и волната се меѓу материјалите на кои редовно им се враќаме во есен и зима, а кај панталоните со ѕвонести ногавици добиваат особено интересен израз. Ребрестата текстура и меката површина на сомотот внесуваат ретро-нота, додека волнените модели изгледаат поелегантно и пософистицирано. Се издвојуваат потемните нијанси, како бордо, кафеава и сива, кои лесно се вклопуваат во есенската и зимската гардероба.
Сомотските панталони може да се носат со џемпери, кардигани и чизми, но и со едноставни топови кога сакаме материјалот да дојде до израз. Волнените ѕвонарки, пак, убаво се спојуваат со кошула или блејзер, особено за поелегантен деловен изглед.

Извор: Lepota i Zdravlje