
Николас Галицин е во завршни преговори за улогата на Икабод Крејн во претстојниот филм „Холоу“, во кој ќе игра и Сидни Свини, објави „Дедлајн“.
Филмот ќе се темели на истоимениот роман на Линдзи Андерсон Бир, чие објавување е најавено за следната година. Книгата нуди нов поглед на класичната „Легендата за Слипи Холоу“ и на ликовите што ги создал Вашингтон Ирвинг.
Андерсон Бир ќе ги потпише и сценариото и режијата. Во актерската екипа е и Белмонт Камели од „Оф кампус“, кој ќе го толкува Бром Боунс, соперникот на Икабод Крејн.
Во романот приказната е раскажана од перспективата на Катрина ван Тасел, чија улога во филмот ѝ е доделена на Свини.
Според описот што го пренесува „Дедлајн“, романот ја преосмислува една од најпознатите книжевни хероини: Ван Тасел не е само посакувана избраничка за која се натпреваруваат мажите, туку централен лик во опасна мистерија и заводлив љубовен триаголник со натприродни елементи. Приказната спојува готска атмосфера, психолошка интрига и елементи на еротски трилер во современа, концептуално смела преработка на класичното дело.
Икабод Крејн претходно го играше Џони Деп во филмската адаптација „Слипи Холоу“ на Тим Бартон.
Извор: Just Jared