Актуелно

Го викаа модерниот Пабло Ескобар: Уапсен Отонел – моментално најмоќниот нарко-шеф

Колумбиските вооружени сили го уапсија моментално најмоќниот шеф на нарко-картел, Даир Антонио Усугу, познат како Отониел, водачот на моќниот картел Клан дел Голфо (Клан на Заливот), кој бил уапсен во една од колумбиските џунгли, пишува Гардијан.

Властите соопштија дека разузнавачките служби предводени од САД и Велика Британија дале доволно информации за да им овозможат на повеќе од 500 војници и припадници на колумбиските специјални сили да го уапсат Отониел заедно со осум членови од неговото обезбедување, кои постојано го следеле.

Името на акцијата била наречена „Операција Озирис“. Во акцијата за апсење е убиен еден полицаец.

„Отониел беше најстрашниот дилер на дрога во светот, како и убиец на полицијата, војската и цивилите“ изјави претседателот на Колумбија, Иван Дјук, по апсењето.

„Овој удар може да се спореди само со падот на Пабло Ескобар во 1990-тите“, додаде тој.

Клан дел Голфо претставува страв и трепет во северна Колумбија, контролирајќи ги централните патишта на шверц на кокаин од Централна Америка до Соединетите држави.

Американската влада одамна го стави на листата на најбарани и понуди награда од 5 милиони долари за неговото апсење. Првпат беше осуден во 2009-та година во судот во Менхетен за нелегална трговија со дрога, но и за поддршка на радикално десничарските паравоени групи, кои САД ги смета како терористички.

Тој подоцна беше осуден за шверц на 73 тони кокаин во Соединетите држави помеѓу 2003 и 2014 година преку Венецуела, Гватемала, Мексико, Панама и Хондурас. Подоцна на тоа се додадени и убиствата на полицајци и сексуалната злоупотреба на деца и млади.

Ја започнал својата „кариера“ со неговиот брат Хуан Диос како борец во левичарската герилска група Армија на народно ослободување. Тие биле водени од идеолошки импулси, па кога Армијата потпишала мировен договор со владата во 2006-та година, Отониел и неговиот брат одбиле таков договор, па се приклучиле на криминалното подземје и почнале да спроведуваат операции во стратешкиот регион Голфо де Ураба на северниот дел на Колумбија. Картелот подоцна го добил името по топонимот. Повеќето пратки на кокаин се движеле на север од Голфо де Ураба. Подоцна, тие почнале да поддржуваат десни герилски групи.

Неговиот брат бил првиот водач на криминалната организација, но бил убиен во 2012-та година во рација на новогодишна ноќ. Отониел избегал и го презел картелот. Тој и неговите крволочни луѓе брзо станале познати како брутални убијци и насилници, особено на девојчиња. Се проценува дека во времето на апсењето, Клан дел Голфо имал околу 1.200 членови, од кои повеќето биле регрутирани од радикални десничарски паравоени групи. Тие работеле во 10 од 32-те провинции во Колумбија.

Покрај нивната основна дејност, дрогата, тие се занимавале и со нелегално ископување, а областа во која работеле била контролирана со насилство: локалните лидери кои би им се спротивставувале исчезнувале. Заработувале и од изнуда. Нивниот дофат бил широк, членовите на групата биле апсени и во Аргентина, Бразил, Хондурас, Перу и Шпанија. Американското обвинителство го прогласи кланот за „тешко вооружена, екстремно насилна криминална организација“.

Операцијата „Агамемнон“ во 2016 година била клучна, бидејќи во неа биле уапсени голем број соработници на Отониел, а властите нанесоа тешки удари во финансискиот систем на кланот.

Тогаш започнувале постојаните бегства. Како и секој мафијаш, Отониел се криел во оддалечените рурални делови на земјата, во џунглата, менувајќи ги куќите во кои спие секоја вечер. Но, секогаш до себе морал да има ортопедски душек, на кој спиел поради повреда на грбот.

Куќите во кои престојувал не биле палати, туку обични бараки, а полицијата во нив наоѓала скапи парфеми, избрани и ретки видови пијалоци и храна. Тој успешно се криел со години бидејќи во регионот на Ураба владеел страв и трепет, па безбедносните сили биле немоќни во нивните обиди да го лоцираат.

Исто така, користел обучени кучиња за да го предупредат доколку се појави личност која не ја познаваат. Властите успеале да фатат едно од кучињата и да го обучат да го бара Отониел.

To Top