Фантазија од гол на Лакацете – Лион ја фрли Рома на колена (видео)


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


После точно десет години Лион и Рома повторно ги вкрстија фудбалските стратегии во нокаут фазата од некое европско натпреварување. Тоа резултираше со спектакуларен меч.

Домаќинот, после фантастичниот пресврт во второто полувреме стигна до сериозна предност против Волчицата од Рим во привот меч од осминафиналето на Лига Европа и за чекор е поблиску до завршницата на второто по квалитет клупско натпреварување на Стариот континент – 4:2 (1:2).

Во текот на 90-те минути беа упатени 20 шутови во рамките на двата тима, од кои еден повеќе кон мрежата на Рома, што е најголем број на удари во текот на оваа сезона на Лига Европа. Двата тима си ги поделија полувремињата во однос на доминацијата – гостите беа подобри во првото, па имаа и резултатска предност во тој период. Иако составот на Бруно Женеси рано поведе со погодокот на Дикабиј во осмата минута, Волчицата брзо ги зеде работите во свои раце и со головите на Мохамед Салах и Федерик Фаци на одморот замина со заслужена предност.

Лион тогаш изгледаше како тим кој тешко ќе се извлече од канџите на опасниот ривал, но сè се промени веќе во втората минута од второто продолжение, кога Сорентин Толисо донесе изедначување за својот тим и целосно го врати Лион во игра во натпреварот.

Од тој момент, па сè до самата завршница, домаќинот беше доминантен на теренот, го стегна обрачот околу голот на Алисон, се обидуваа Лакацете и Валбуен, додека на другата страна, со опасни контранапади се закануваше брзиот Салах. Сепак, најавата за фантастичниот финиш на тимот од Женеси го направи Набил Фекир, кој во 74-та минута покажа каков мајстор е после неколку ефектни дриблања и упатување на неодбранлив удар во долниот десен агол на бразилскиот чувар на мрежата.

Лион до крајот на натпреварот го бараше патот до предноста, иако, рака на срце, и Рома имаше неколку опасни обиди за погодок. Сепак, домаќинот вистинскиот спектакл го чуваше за крајот. Тогаш кога имаше опасност да стане трагичар на натпреварот, Александар Лакацете распали еден проектил во мрежата на Рома и со погодокот го приближи својот тим до четвртфиналето.

Сепак, сето ова е само епска најава за фантастичниот реванш кој ќе се игра во Вечниот град следниот четврток, кога е извесно дека ќе гледаме уште еден одличен натпревар со многу голови и тоа на двете страни.