Дражен VS Џордан: „Ќе ти збучам кош во фаца“


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Сите кои ја паметат NBA од времето кога на паркетот растураа Дражен Петровиќ и Мајкл Џордан, сигурно ќе потврдат дека тоа беа епски славни времиња, како на американската, така и на европската кошарка чии „ученици“ веќе на големо ги освојуваа американските терени и симпатии.

„Уживав играјќи против Дражен. Голем играч. Не се плашеше, до крај концентриран. Борбен и самоуверен. Кога и да се соочевме, одеше силно против мене, како и јас против него. Поинаку против Дражен не можеше. Нашите дуели секогаш беа максимални, до работ“, рече Мајкл Џордан за легендарниот југословенски и хрватски кошаркар Дражен Петровиќ.

„Имавме неколку одлични дуели, за жал, тоа беа кратки дуели. За кратко време остави длабока трага. Бестрашно се впушти во НБА-предизвикот и им покажа на другите Европејци како можат да успеат“, изјави Мајкл Џордан кога, по турнирот МекДоналдс во Париз во 1997 година, го доби трофејот „Дражен Петровиќ“ за најдобар играч.

Кени Андерсон, одличен играч со кого Петровиќ имаше одлична соработка во Нетси, каде што играа од 1991 година до смртта на Дражен во летото ’93, се присетува дека хрватската ѕвезда на Њу Џерси најмногу сакал да игра против Џордановите Булси: „Секогаш против Џордан и Булси ќе ми кажеше: ‘Кени, дај ми ја топката, загреан сум, гарант ќе му збрчам’“.

Хит-документарецот „Последниот танц“ за легендарните Џорданови Булси од 90-тите потсети на многу приказни поврзани со најголемиот кошаркар, вклучително и неговото големо ривалство со Дражен Петровиќ, што, како што сведочат зборовите на Џордан во воведот, прераснало во негова голема почит кон фанатично борбениот и бестрашен Европеец, пренесува Индекс.

За една и пол година американскиот и хрватскиот велемајстор имаа релативно кратка, но бурна историја на меѓусебни дуели, и тоа на највисокото ниво – НБА лигата и Олимписките игри, бидејќи играа на иста позиција за Чикаго Булс и САД, односно за Њу Џерси и Хрватска, па се чуваа еден со друг.

Притоа „Белиот Џордан“ Петровиќ на вистинскиот Џордан му го правеше сето она што легендата им го правеше на своите ривали, но малкумина се осмелуваа да му го прават нему: го провоцираше, го подбуцнуваше и вербално и физички, му се внесуваше во лице, играше одбрана на работ на фаул, но и преку тоа. Се разбира, Петровиќ, како и Џордан, уживаше во вербалните дофрлања, па и на тоа поле имаше пресметка меѓу титаните.

Недоволно е познато она од финалето на Игрите во Барселона, за кое сведочи и видеото подолу. Џордан на Петровиќ му рекол дека ќе му „збучи кош во фаца“, па веднаш добил одговор: „И јас тебе!“. Обајцата го исполнија своето ветување. Џордан погоди преку Петровиќ, по што Дражен преку неговата рака погоди тројка.

Истите соперници се сретнаа и во групата на олимпискиот турнир. Петровиќ тогаш изведе уште еден подвиг против Џордан. Му „збучи“ тројка, по што ја зеде топката и од контра повторно погоди од далечина.

САД, првиот и единствен кошаркарски дрим тим, ја совладаа Хрватска во финалето, но Петровиќ со 24 коша беше поефикасен од својот чувар Џордан, кој постигна 22.