Дојче Веле анализа: Дали за гигантот Фолксваген ќе биде „Србија повеќе од Бугарија“?


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Откако во саботата Дојче веле објави дека Бугарија и Србија се во трка за милијарди тешка инвестиција на Фолксваген, белградскиот печат веќе подготви „ексклузивни“ наслови, со кои се најавува „мегафабрика“, „стопански земјотрес“, „чудовишни теренци“ кои ќе се произведуваат во Шумадија, како и дека Србија страшно ја поразила Бугарија во оваа трка со 5:0. Националните телевизии прават специјални емисии, се разгорува фантазијата.

Но, на прашањата на ретките српски медиуми, кои се потрудија да прашаат, од Волфсбург го повторија истото што прво го изјавија за Дојче веле: нема конечна одлука. Во сила е официјална најава на компанијата од ноември, според која во „источна Европа“ се планира погон во кој би се произведувале повеќе модели.

Освен Бугарија и Србија, според некои најави сериозно во игра е и Романија, а можеби и Турција и Македонија. Инвестицијата од околу 1,4 милијарди евра и обрт од 4,5 милијарди евра годишно обезбедуваат загарантирана економија на земјата која ќе го привлече германскиот гигант.

Зошто Бугарија е сепак фаворит?

И премиерката Ана Брнабиќ демантираше дека работата е готова: „Немам коментар, тоа е премногу важна инвестиција за да се зборува за неа по медиумите“, изјави таа за РТС. Воздржан беше и претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж.

Од друга страна, високорангиран политичар од бугарската владејачка партија ГЕРБ за ДВ тврди дека претставниците на Фолксваген уште пред неколку седмици престојувале во Софија и разговорите се далеку напреднати. Бугарија веќе има на понуда две локации: зоната на некогашната челичана Кремиковци, недалеку од аеродромот кај Софија, и индустриската зона Раковски кај Пловдив.

Виенскиот весник „Пресе“ пишува дека Бугарија е „благ фаворит“ поради овие локации, силните економски врски со Германија и членството во ЕУ. Весникот наведува дека од друга страна Србија има поголемо искуство со автомобили (Фиат), исто како и Романија (Форд, Дачиа) или Турција (Форд, Хјундаи, Хонда). Меѓутоа, како мана на Турција се споменуваат очајните политички односи со Берлин и со Брисел, а за Романија – недостигот од работна сила. Од истите причини, пишува „Пресе“, не е земена предвид ни Унгарија.

„Србија и аутсајдерот Северна Македонија би можеле, освен ниските трошоци на производство, да одиграат и на посилни финансиски поттици: како кандидати за ЕУ уште не подлежат во полн обем на строгите прописи за државна помош“, истакнува весникот.

Според „Пресе“, спогодбата за слободна трговија која Белград ја има со Москва тука не игра никаква улога, зашто не се однесува на автомобили. Вучиќ во повеќе наврати се обиде да издејствува исклучок кај Владимир Путин за моделот на Фиат од Крагуевац, но безуспешно.

Српски адути

Причината што Фолксваген бара нова средина за фабрика која би вработила 5.000 луѓе и би произведувала 300.000 автомобили годишно се вклопува во пошироката стратегија на компанијата. Големите погони дома, Цвикау, Емден и Хановер, би требало во иднина исклучиво да прават електрични автомобили. Моделите Пасат се селат во Чешка, во Квасин, од каде на Балкан би требало да се измести производството на Шкода Карок и Сеат Атека.

„Централна причина за отворање нова фабрика на Балкан се трошоците на заработувачките на работниците. Тие таму се далеку пониски отколку во Западна Европа“, вели за ДВ експертот за автомобилска индустрија, Штефан Брацел, шеф на Центарот за автомото менаџмент. Затоа, вели тој, за Германците веќе не доаѓаат предвид ни Полска ни Унгарија. „Друга важна причина се трошоците за електрична енергија. Трето е што на лице место се наоѓа мрежа на лиферанти на делови“.

Во Србија веруваат дека во сите овие три погледи се пред Бугарија, ако воопшто со зборот „пред“ смее да се нарече тоа што просечните плати во Србија се пониски од бугарските. Струјата спаѓа во најевтината во Европа, додека тука се или се веќе најавени големи фабрики на важни германски производители на автоделови како Леони, кој произведува кабли или ЗТ Фридрихсхафен, кој се занимава со шасии и преносни системи.

Како што, гостувајќи на ТВ Прва, изјави Младен Алвировиќ од САТ-медиумската група, „кадрите секаде во Европа се клучна работа, ѕидови е лесно да се направат“. „Фиат веќе десет години ја школува нашата работна сила“, додаде Алвировиќ, тие работници се добра база за некој нов кој би дошол.

Меѓутоа, пресудно, како што вели Штефан Брацел, сепак би можело да биде бугарското членство во ЕУ. Без оглед што Србија има бесцарински спогодби и што трговијата е свртена кон ЕУ, самото членство значи уште поедноставна размена на компоненти и готови производи, вели експертот. „Иако тоа не мора сигурно да значи дека Фолксваген ќе се одлучи за Бугарија, треба да се сочека“.

Колку долго да се чека? Ни тоа во Фолксваген не сакаа да го прецизираат. Лани во медиумите пишуваше дека одлуката ќе падне дури во ноември оваа година, сега се споменува април. Нестрпливоста на белградските таблоиди блиски до власта е голема, впрочем економската политика на Александар Вучиќ речиси се сведува на полагање камен-темелници или најави на таков чин. Како и да е, првите балкански автомобили на Фолксваген, откога во 1992 година престана производството во Сараево, би требало да се симнат од фабричките ленти дури во 2023 година.