
Азија Кејт Дилон објави отворено писмо со кое побара помош од јавноста за наоѓање работа во угостителството и во услужниот сектор.
Дилон има 41 година и е познато име по улогите на Бренди Епс во „Orange Is the New Black“ и Тејлор Мејсон во „Billions“. За настапот во „Billions“, Дилон доби три номинации за телевизиските награди „Избор на критичарите“.
Сега, откако актерските ангажмани речиси исчезнале, Дилон повторно бара работа во услужниот сектор. Во писмото објавено на Инстаграм стои:
„Здраво!
Мојата прва работа во угостителството беше во 2000 година, кога имав петнаесет години. Работев за викенди во локално познатата и секогаш полна пекарница „Итака“. Бев во утринската смена. Најпрвин ги редев свежо испечените, сè уште врели бејгли во соодветните прегради, а потоа го прередував и дополнував пијалакот во фрижидерите. Во текот на смената се грижев за катчето за кафе во средината на продажниот простор — капачиња, шеќер, сламки, мешалки, картонски држачи за чаши, сè одржував уредно. Го чистев тоалетот и ги дополнував потребните средства, го бришев она што гостите неизбежно ќе го истуреа, ги носев садовите за миење и ги враќав чистите во просторот за јадење, а ги пречекував и гостите. Уживав во тоа.
Од миење садови, преку носење храна до масите, до раководење со услужниот дел, продолжив да работам во угостителството и со клиенти, паралелно со секој актерски ангажман што успевав да го најдам. Така беше до есента 2015 година, кога конечно можев целосно да се издржувам само од актерството. Последните единаесет години работам исклучиво во театар, на филм и на телевизија.
Сега, како што е случај и со многу, многу мои колеги од актерската професија — особено со нас што сме трансродови, небинарни или не се вклопуваме во родовите норми — актерската работа речиси исчезна и повторно ми е потребна работа во услужниот сектор.
Ја сакам работата со клиенти. Сакам да создавам пријатен простор во кој луѓето можат да се опуштат и да се поврзат едни со други. Ги сакам храната и пијалаците. Имам ентузијазам и љубопитност и одлично работам во тим. Претпоставувам дека најголемата пречка при враќањето ќе биде совладувањето на новите ПОС-системи, но брзо учам. Можам да работам со скратено работно време, навечер и за викенди.
Однапред ви благодарам што ќе ме земете предвид.
Сè најдобро,
Азија Кејт Дилон
(заменки: they/them)“
Извор: Just Jared