ДМПНЕ обвинува: Владата стана партнер со бугарската мафија во бизнисот со игри за среќа во Македонија


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Дали владата со потписот на Артан Груби ја отвори вратата за криминалните пари на бугарското подземје и ја стави Македонија во партнерство со бугарската мафија, прашува Наум Стоилковски, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

Повод за оваа негова изјава е владината одлука од 14 јуни, која помина молчешкум, а се работи за почнување постапка за основање на три нови друштва за приредување интернет игри на среќа под капата на Државната лотарија. Одлуката е потпишана од вицепремиерот Артан Груби.

„Одлука за одобрување на работењето на Управниот одбор на акционерското друштво за приредување игри на среќа, Државна Лотарија на Република Северна Македонија“ – вака се вика документот од кој не може да се заклучи дека всушност станува збор за основање на три нови друштва за приредување интернет игри на среќа.

Изет Меџити, пребеганиот висок функционер на ДУИ и основач на новата партија Демократско движење, неколку пати досега повтори дека овој владин проект е всушност реализација на бизнис интереси на ДУИ и на вицепремиерот Артан Груби.

Вчера тројцата лидери на албанската опозиција, Билал Касами, Африм Гаши и Изет Меџити изјавија дека власта наместо да го ограничи пристапот до коцкањето, со новите решенија овозможува онлајн коцкање. Прстот го вперуваат кон првиот вицепремиер, кој според нив е директно поврзан со овој бизнис.

„Овие казино компании, кои ќе бидат претежно државни, ќе овозможат онлајн коцкање на вашите телефони, таблети и домашни компјутери. Коцкањето ќе влезе во нашите домови. Ако до сега требаше да одите во казино, по овие одлуки на Артан Груби и Владата, казиното ќе дојде во вашите домови само со неколку кликови онлајн. Ние од обединетата албанска опозиција силно се спротивставуваме на ова ширење на инфекција од казината, на секоја улица, сега дури и на интернет. Ќе се бориме со овој феномен. Зад овие бизниси и одлуки стои ДУИ, стои Артан Груби“, рече Меџити.

Владата досега најавуваше промени во Законот за игри на среќа во насока на построги критериуми за тоа кој и како може да организира игри на среќа. Овие најави предизвикаа бурни реакции на компаниите кои се приредувачи на овие игри на среќа. Сега наеднаш, со оваа одлука Владата станува главен партнер на нови фирми, организатори на интернет игри на среќа.

Според актуелниот Закон на игри на среќа постоечките приредувачи на игри на среќа не се во можност да организираат игри на среќа преку интернет. Овие компании веќе подолго време бараат тоа да им се овозможи. Засега таа можност ја има само Државната лотарија и таа е единствен приредувач на игри на среќа на интернет.

Државната лотарија на Македонија на 11 септември веќе распиша јавен повик за избор на три приредувачи на игри на среќа на интернет. Во повикот се бара заинтересираните фирми да имаат најмалку тригодишно искуство во приредување интернет игри на среќа, осумгодишно искуство во развој, поддршка и маркетинг на интернет платформа за игри на среќа и содржини на игри во две држави во Европа од кои една на Балканот и да има 40 милиони евра приход само од интернет игри на среќа.

Ова значи дека Владата со овој повик целосно ги исклучува домашните компании. Во Македонија приредувањето игри на среќа на интернет е забрането.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Стоилковски јавно упати сомневање дека се работи за веќе договорена работа.

„Државната лотарија со јавниот повик направи фоторобот на идниот партнер на ДУИ и СДС. Дали фирмата којашто партнерски ќе работи со Владата во Македонија е онлајн коцкарницата 8888.бг, од Бугарија? Дали оваа фирма не е позната како фирма на бугарското подземје, на групацијата на познатиот Васил Бошков, т.н. Черепот, познат на законот во Бугарија, кој живее во Дубаи? Зошто се поставени услови кои ги исклучуваат домашните фирми? И зошто Владата дава лиценца на дури 15 години? Додека владата лаже дека е против коцкање и обложување, додека државата тоне во сиромаштија, ДУИ и СДС повторно влетуваат во партнерство со мафијата, овој пат поврзано токму со коцкарници“, рече Стоилковски.

Вчера и Државната лотарија се јави со соопштение во кое се вели дека тие се залагаат за почитување на Законот за игри на среќа и дека во Македонија игрите на среќа треба да се контролирани од државата како гарант за одговорно и контролирано приредување игри на среќа