Дали знаете колку птици има на планетата Земја?

Според екстраполацијата направена од австралиски научници, а објавена во Зборникот на Националната академија на науките во САД, планетата Земја ја населуваат околу 50 милијарди птици. Тоа значи дека на планетава има околу шест пати повеќе птици отколку луѓе.

Тим предводен од проф. Вилијам Корнвел од Универзитетот на Нов Јужен Велс (УНСВ) во Сиднеј разработил податоци за 9.700 познати видови птици од цел свет. За нив се смета дека претставуваат 92 отсто од сите постоечки видови. Истражувачите комбинираа научни истражувања за одделни видови во одредени области со речиси една милијарда записи во интернет-орнитолошката база на податоци, е-Бирд.

Заклучокот гласи дека има релативно мал број вообичаени видови и многу голем број ретки видови.

Меѓу првите 10 најраспространети птици во светот се градското врапче (1,6 милијарди), сколовранецот (1,3 милијарди), прстеноклунестиот галеб (1,2 милијарди) и селската ластовичка (1,1 милијарда).

„Има значителен број многубројни и малубројни видови птици во светот – со 50 милијарди единки. Но, прашањето – зошто и како тие достигнале до таа бројка ќе биде во средиштето на идните научни трудови за еволуцијата, екологијата и зачувувањето на сѐ тоа“, се вели во написот.

Истражувачите откриле дека најмал број птици имаат видот киви од Нов Зеланд (3.000) и ендемичните мезити (154.000) од Мадагаскар.