Претседателот на Чешка се извини на Србија за бомбардирањата во 1999 година


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Чешкиот претседател, Милош Земан, ѝ се извини на Србија за бомбардирањето на НАТО во 1999 година, оценувајќи дека тоа било „грешка” и „полошо од злосторство” и побара прошка од српскиот народ.

„Би сакал како човек да го замолам српскиот народ да ни прости. Тоа цело време ме мачеше. Со ова барање за прошка, ја решив мојата долгогодишна траума, бидејќи каењето ослободува“, рече Земан во заедничкото обраќање пред новинарите на средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ.

Земан објасни дека Чешка, кога започна бомбардирањето на тогашна СР Југославија, била членка на НАТО само неколку недели и дека затоа не можела да најде некоја држава што ќе ја поддржува во спротивставувањето на нападот врз Србија.

Вучиќ, заблагодарувајќи му се на Земан, рече дека српскиот народ никогаш нема да го заборави неговото извинување.

„Српскиот и чешкиот народ досега беа пријателски, а од денес се братски народ“, истакна Вучиќ за време на обраќањето.

Тој оцени дека „Земан е храбар човек, кој на никому не му се додворува“ и го најави доаѓањето на чешкиот претседател во Србија на крајот на годината, кога се очекува отворање на Чешка куќа во Белград.