Дали заглупуваме: Како популарните социјални мрежи го загрозуваат знаењето


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Википедија моментално се наоѓа во егзистенцијална криза. Иако неодамна од корисниците бараа помош, проблемот не е од финансиска природа. Од друга страна, пак, големиот број социјални мрежи, кои земаат сè поголем замав, се во незадржлива експанзија среде нашата динамична современост исполнета со инстант култура.

Проблемот, тврди Хосеин Деракшан од Wired, лежи во бројот на корисници кои придонесуваат за надоградба на страницата. Имено, идејата врз која почива Википедија е истата како и за секоја друга енциклопедија која се појавила претходно – собирање на комплетното знаење на човечкиот род.

Таа идеја е присутна уште од времето кога исламските учени луѓе се обиделе да ги соберат информациите од сите области, преведувајќи грчки, персиски или сириски текстови на арапски.

Осмели се да знаеш

Во деветтиот век персискиот зналец Ибн Кутајбах ја создал првата вистинска енциклопедија – десет книги за моќта, војната, благородништвото, молитвите, учењето, елоквенцијата, пријателството, храната и жените. Еден век подоцна, неговиот персиски колега ал-Кваризими направил нешто слично, а и Кинезите имале своја енциклопедија, која се појавила во седмиот век.

Што се однесува за Европа, идејата за модерна енциклопедија се појавила во 18 век, со доаѓањето на просветителството. Имануел Кант го наметнал и латинското мото на движењето – SAPERE AUDE, во превод „ООСМЕЛИ СЕ ДА ЗНАЕШ“ (синтагма прв пат употребена од поетот Хоратиј), во својот есеј „Што е просветителство“. Френсис Бекон и Денис Дидро почнале да компилираат амбициозни енциклопедии, а со тоа и остатокот од Европа го поттикнале на такви дејства.

Иако владејачката религиозна класа чувствувала непријатност поради овој тренд, очигледно постоел пазар на кој доминирала секуларната средна класа. Првото издание во 1751 година е продадено на група од 2.000 претплатници кои ги добиле сите 28 тома од „Големата француска енциклопедија“.

Познатите револуционерни умови како Волтер, Русо и Монтескје, работеле на енциклопедијата поради што некои и завршиле во затвор. Но, само 17 години после издавањето, започнала Француската револуција и со тоа биле поставени темелите за една од најсекуларните држави во човечката историја.

Телевизијата смени сè

Идејата за просветителството е загрозена многу пред појавата на интернетот. Нил Постман во својата книга од 1985 година, „Amusing Ourselves To Death“, констатираше дека популаризацијата на телевизијата не е само нов медиум туку и нов дискурс. Постепеното префрлање на културата од типографска во фотографска значело и транзиција од рационалното во емоционалното.

Во културата сосредоточена на слики и задоволство, нема место за рационалното размислување, бидејќи со слики едноставно не може да се размислува, тврдеше Постман.

„Текстот е она што нам ни овозможува да ги разоткриваме лагите, забуните и претераната генерализација, да ја детектираме злупотребата на логиката и здравиот разум. Во исто време, тоа значи и премерување на идеите, споредување и спротивставување на тврдењата, поврзување на една генерализација со друга“.

Ако малку повеќе размислиме за тоа, не е тешко да се дојде до заклучок дека Постман бил во право. Имено, телевизорите не беа само забава во нашите дневни соби, туку го сменија и начинот на кој функционираме. Го сменија нашето доживување на светот и влијанието на политиката, религијата, бизнисот и културата. Многу аспекти на модерниот живот се сведени на забава, сензационализам и трговија.

„Американците не разговараат едни со други, ниту меѓусебно се забавуваме. Не разменуваме идеи, разменуваме слики“, пишува Постман.

Како да се спаси Википедија?

Интернетот, првично, беше контра овој тренд, бидејќи кога се појави (кон крајот на ’80-те години од минатиот век), беше медиум втемелен на текст. Беше алатка насочена кон знаењето, а не кон уживањето. Се разменуваа идеи и стануваше збор за интелектуален проект кој не се вртеше околу комерцијализација и контрола.

Википедија е плод на таа „градина“. Гугл и блоговите, исто така. Тие ефикасно придонесоа за глобален корпус на знаење. Повеќе од една деценија, интернетот беше алтернатива и ја загрозуваше моќта на телевизијата.

Но, тогаш се појавија социјалните мрежи и ја колонизираа интернет мрежата, враќајќи не назад во поглед на интелект. Погледнете ги само Фејсбук и Инстаграм. Медиумот е сведен на слики и видео материјали кои ги наградуваме „емоционално“ – со „допаѓања“ („лајкови“). Наместо потрага по знаење, сè е сведено на барање потврда и публика за која постојано „настапуваме“.

социјални мрежи

Љубопитноста ја замени потрага за она што веќе го знаеме или го мислиме. „Осмели се да знаеш“ стана „Осуди се да не се оптеретуваш со знаење“.

Спас на знаењето од социјални мрежи

Францускиот филозоф Ги Дебор напиша дека во времето пред доаѓањето на капитализмот бевме фокусирани на „да се биде“, а после доаѓањето на капитализмот се фокусиравме на „да се има“. Во оваа фаза најважно е „да се правиме дека сме“. Да се правиме дека сме богати, среќни, полни со разбирање, модерни или космополити. Доволно е да фрлите еден оглед на Инстаграм и ќе ви биде јасно дека апсолутно таа е вистината.

Предизвик е да се спаси Википедија и да се зачува тоа знаење за кое никому не му е гајле, во налет и експанзија на сите овие социјални мрежи. Телевизијата ја зарази Википедија и најпопуларни текстови се оние кои се посветени на сериите и актерите кои глумат во тие серии . Сето тоа е производ на комерцијалниот шоубизнис.

Тоа не значи дека треба да се откажеме. Но, мораме да сфатиме дека бавно пропаѓање на светската интернет мрежа и Википедија, всушност, е дел од цивилизациска промена која само што започна.