Дали облаците од Венера се „полни со живот“?


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Откако во нејзината атмосферата открија гас што не можат да си го објаснат, астрономите сега ја разгледуваат идејата дека во облаците на планетата Венера има живи организми.

Тој гас е фосфин – молекула составена од еден атом фосфор и три атоми водород.

На Земјата фосфинот се поврзува со една форма на живот, со микроби што живеат во цревата на животните како пингвините или во средини сиромашни со кислород, како што се мочуриштата.

Секако, може да го произведете индустриски, но на Венера нема фабрики; и секако нема пингвини.

Па зошто е овој гас таму, на 50 км над површината на планетата? Проф. Џејн Гривс од британскиот универзитет Кардиф и нејзините колеги го поставуваат токму ова прашање.

Тие објавија труд во списанието Нејчр астрономи во кое ги опишуваат своите набљудувања на фосфинот на Венера, како и истрагите што ги спровеле за да се обидат да покажат дека оваа молекула може да има природно, небиолошко потекло.

Но во моментов, тие се заглавени, вели Би-би-си.

Со оглед на сè што знаеме за Венера и за условите што постојат таму, никој сè уште не успеал да опише некаква абиотска (нежива) патека до фосфинот, барем не во количествата што биле откриени. Ова значи дека еден извор на живот заслужува да биде разгледан.

„Во текот на целата моја кариера бев заинтересирана за потрага по живот на некое друго место во универзумот, па шокирана сум од самото тоа што ова е можно“, рече проф. Гривс. „Но да, ние искрено ги охрабруваме другите луѓе да ни кажат што можеби сме пропуштиле. Нашите трудови и податоци се со отворен пристап; така функционира науката.“

Што точно забележал тимот?

Тимот на проф. Гривс најпрво го открил фосфинот на Венера со помош на телескопот Џејмс Клерк Максвел на Хаваите, а потоа го потврдил неговото присуство со помош на стројот Атакама во Чиле.

Фосфинот има карактеристична „линија на апсорпција“ што овие радиотелескопи ја препознаваат на бранова должина од околу 1мм. Гасот се забележува на средните зони на планетата со надморска височина од приближно 50-60 км. Концентрацијата е мала – сочинува само 10-20 дела во секоја милијарда атмосферски молекули – но во овој контекст, тоа е многу.

Зошто е ова толку интересно?

Венера не е на врвот на листата кога размислуваме за живот на друго место во нашиот Сончев систем. Во споредба со Земјата, таа е пекол. Со 96% од атмосферата составена од јаглерод диоксид, таа доживува неконтролиран ефект на стаклена градина. Површинските температури се како оние во рерна во која се пече пица – над 200 степени.

Вселенските сонди што имаат слетано на планетата преживеаја по само неколку минути пред да бидат уништени. А сепак, отидете 50 километри нагоре и таму всушност е „за по кратки ракави“. Значи, ако навистина постои живот на Венера, ова е токму местото каде што може да очекуваме да го најдеме.

Зошто треба да бидеме скептични?

Поради облаците. Тие се густи и главно се составени (75-95%) од сулфурна киселина, што е катастрофално за клеточните структури што ги сочинуваат живите организми на Земјата.

Д-р Вилијам Бејнс, кој е соработник на Технолошкиот институт во Масачусетс (МИТ) во САД, е биохемичар во тимот. Тој проучувал различни комбинации на различни соединенија што се очекува да ги има на Венера; испитувал дали вулканите, молњите, па дури и метеоритите може да играат улога во создавањето на фосфинот (ПХ3) – и сите хемиски реакции што ги истражувал, вели тој, се 10.000 пати премногу слаби за да се произведе количеството фосфин што е забележано.

За да се преживее сулфурната киселина, верува д-р Бејнс, микробите од воздухот на Венера или би морале да користат некоја непозната, радикално различна биохемија или да развијат некаков вид оклоп.

„Во принцип, некоја животна форма повеќе склона кон вода би можела да се скрие во некаква заштитна обвивка во капките на сулфурна киселина“, рече тој за Би-би-си. „Зборуваме за бактерии што се опкружуваат со нешто поцврсто од тефлонот и целосно се запечатуваат. Но тогаш како јадат? Како разменуваат гасови? Тоа е вистински парадокс“.

Какви се реакциите?

Претпазливи и заинтригирани. Тимот не тврди категорично дека пронашол живот на Венера, само дека идејата треба дополнително да се истражи бидејќи научниците се во потрага по секоја занемарена геолошка или абиотска хемиска патека до фосфинот.

Д-р Колин Вилсон од Универзитетот во Оксфорд работел на сондата „Венера експрес“ на Европската вселенска агенција (2006-2014) и е водечка фигура во развојот на нов концепт за мисија наречена „Енвижн“. Тој вели дека набљудувањата на проф. Гривс ќе поттикнат нов бран истражувања на планетата.

„Ова е навистина возбудливо и ќе доведе до нови откритија – дури и ако за првичното откривање фосфин излезе дека е спектроскопска грешка, што мислам дека нема. Мислам дека животот во облаците на Венера денес е толку малку веројатен што ќе најдеме други хемиски патишта за создавање фосфин во атмосферата – но ќе откриеме многу интересни работи за Венера во оваа потрага“, рече тој за Би-би-си њуз.

Д-р Луис Дартнел од Универзитетот во Вестминстер е слично претпазлив. Тој е астробиолог – кој ги проучува можностите за живот надвор од Земјата. Тој смета дека Марс или месечините на Јупитер и Сатурн се поверојатни опции за да се најде живот.

„Ако животот може да преживее на горните палуби на Венера – тоа е многу просветлувачко, бидејќи тоа значи дека животот е многу чест во нашата галаксија како целина. Можеби на животот не му требаат многу планети слични на Земјата и може да опстои на други, пеколно жешки планети низ Млечниот Пат, слични на Венера“.

Како може да се реши ова прашање?

Со испраќање сонда за директно да ја истражи атмосферата на Венера.

Американската вселенска агенција НАСА неодамна побара од научниците да скицираат дизајн за потенцијална мисија со големо вселенско летало во 2030-тите. Ваквите летала се најспособните – и најскапите – потфати преземени од НАСА. Овој конкретен концепт предвидува аеробот, или балон со инструменти, да патува низ облаците на Венера.

„Русите го направија ова со својот балон Вега (во 1985 година)“, вели членката на тимот професорката Сара Сигер од МИТ. „Тој беше обложен со тефлон за да се заштити од сулфурната киселина и лебдеше таму неколку дена, вршејќи мерења.“

„Ние дефинитивно може да одиме и да направиме неколку мерења на самото место. Можеме да ги концентрираме капките и да ги измериме нивните својства. Може да однесеме и микроскоп и да се обидеме да ги бараме самите форми на живот.“