Д-р Кунгуловски прогнозира пик на бранот од делта сојот на почеток од септември, смета дека нема да имаме тешка зима


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Во интервју за ТВ24, доктор Горан Кунгуловски изјави: „Делта-сојот коси низ цел свет, низ цела Европа. Пикот најверојатно ќе стигне малку побргу, има недела или две разлика од сите претпоставки досега. Сега гледаме дека има една нагорна линија на позитивни пациенти, заразени со коронавирусот. Откако го детектиравме првиот пациент со делта-сојот во Македонија, знаевме дека ќе има една нагорна линија и знаевме дека таа нагорна линија, отприлика, ќе заземе некој интензитет во август и дека најверојатно својот врв ќе го достигне во септември“.

На прашањето која е разликата меѓу алфа и делта-сојот, д-р Кунгуловски вели дека во однос на смртноста засега нема некои веродостојни податоци.

– Најверојатно се тука некаде или делта-сојот е потенцијално малку посмртоносен. Но, бидејќи во Европа и во светот имаме сѐ поголем број на луѓе со некаков имунитет, дали природен или вакцинален, иако делта-сојот е силно пренослив, таа смртност нема да доаѓа толку до израз. Тоа е така бидејќи бројот на имунизирани луѓе кои ќе бидат хоспитализирани или кај кои ќе доведе со смртен исход, ќе биде многу помал во споредба со луѓето кои немаат никаков имунитет, без разлика дали се работи за природен имунитет, вакцинален имунитет или комбинација на природен и вакцинален имунитет, објаснува тој.

Што се однесува до тоа каква зима нѐ очекува кога станува збор за коронавирусот, докторот вели дека никој не го знае тоа, но дека се надева дека нема да биде тешка бидејќи ќе имаме голем процент на имунизирано население.