Европската комисија го одобри македонскиот дигитален сертификат за Ковид-19


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Европската комисија вчера го одобри нашиот дигитален сертификат за ковид-19. Македонија, како што информира Министерството за здравство, е прва во регионот за која сертификатите за ковид-19 ќе се сметаат за еквивалентни на Дигиталниот сертификат на ЕУ.

– Со ова се избегнуваат сите ограничувања во патувањата како што се дополнително тестирање или карантин. Во неопходни случаи, како што е заштитата на јавното здравје, земјите членки можат да преземат дополнителни мерки. Благодарение на оваа одлука ќе бидат укинати ограничувањата за патување за луѓето што ги примиле вакцините против ковид-19 одобрени од ЕУ, соопшти Министерството.

Од Министерството вчера, меѓу другото, потенцираа дека стручните препораки во однос на имунизација против ковид-19 се дефинираат водејќи се од потврдени и прифатени податоци и докази кои потекнуваат од здравствените организации одговорни за следење на инфективните болести како Европскиот и Американскиот Центар за инфективни заболувања (CDC и ECDC), од регураторните медициски агенции ЕМА и ФДА и од СЗО.

Препораките од сите овиe организации е дека за комплетна имунизација против ковид-19 потребно е добивање на две дози (со исклучок на вакцината на „Џонсон и Џонсон“ која се прима само во една доза) во дефиниран интервал, 14 дена по примање на втората доза.

– Прележувањето на ковид-19 не преставува пречка за вакцинација и лицата кои ја имаат прележано болеста треба да се вакцинираат, наведуваат од здравство.

Една од препораките е и дека временскиот период од прележување на болеста до вакцинација е најмалку месец дена. Одредување на нивото на антитела не се препорачува и нема влијание врз вакцинацијата.

Кај лицата кај кои во тек на лекувањето дадена е терапија со моноклонални антитела или конвалесцентна плазма, вакцинацијата може најрано да биде по три месеци од терапијата и комплетно оздравени од болеста.

Премиерот Зоран Заев во синоќешното интервју за телевизијата Сител изјави дека колку ќе расте бројката на вакцинирани, толку ќе паѓа бројката на заразени. Тој посочи оти мерките се неопходни за да се заштити колективното здравје.

Заев потенцира дека вакцинацијата е единственото решение да се победи пандемијата, при тоа наведувајќи дека најголем број на заразени има во средините каде што има најмалку вакцинирани.

Владината мерка за задолжително приложување на сертификат за примена најмалку една вакцина при влез во трговски центри, обложувалници, кафулиња и на разни настани и прослави, ја забрза имунизацијата, што беше и целта на Владата.