Чешкиот претседател е забеган: „Извинете што ве правам будали“ и запали црвени гаќи (видео)


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Чешкиот претседател Милош Земан упати покани до новинарите за мистериозен брифинг со цел, како што самиот рече, да направи будали од нив, кога пред новинарите едноставно само запали црвени гаќи кои се симбол на протестот на Чесите против него во знак на срамење од својот претседател.

„Им се извинувам на новинарите чија интелигенција, залудно како и секогаш, ја тестирав. Вчера гледав интернет и таму се очекуваше да ви соопштам или дека сум умрел или дека сум заболел од неизлечива болест или дека ќе поднесам оставка или дека мојата ќерка останала бремена или дека ќе се мажи или дека се разведувам“, им кажа Земан на новинарите.

Претседателoт на Чешка, познат по непријателскиот став кон новинарите, рече дека сите тие нагаѓања околу неговата прес-конференција без право да се поставуваат прашања сведочат за степенот на нивната интелигенција.

„Жал ми е што од вас правам будали, навистина тоа не го заслужувате“, рече Земан со видна иронија.

Претседателот потоа запали огромни црвени гаќи, исти какви што уметниците од чешката алтернативна група Зтоховен преправени како оџачари, во септември 2015 година, ги закачиле на покривот на претседателскиот дворец Храдчани во Прага наместо претседателското знаме, за да покажат колку Чесите се длабоко посрамени од претседателот поради вулгарното однесување за време на интервјуто, про-руските ставови и улизувањето на рускиот претседател Владимир Путин.

Сите тројца уметници кои го искористиле реновирањето на Храдчани и се искачиле на покривот преправени како оџачари минатата година во април се осудени на по шест месеци условна казна и парична казна од 2.400 евра, бидејќи при качувањето го оштетиле покривот како и за украденото претседателско знаме, што го исечиле на 1.000 парчиња и им го испратиле по пошта на случајно избрани Чеси – на народот вистинскиот сопственик на знамето.

Црвените гаќи и црвениот картон како во фудбалот оттогаш станале симбол на уличните протести против претседателот и се неизоставен дел на различни демонстрации против Земан или новиот премиер, тајкунот Андреј Бабис кој е под кривична истрага за злоупотреба на европските дотации за својата семејна фарма.

„По улиците на чешките, моравските и шлеските градови трчаат лудаци кои мафтаат со црвени гаќи. Можам тоа да го разберам пред парламентарните или претседателските избори. Тие избори веќе поминаа“, рече Земан, додавајќи дека затоа решил да ги запали огромните црвени симболични машки гаќи.

Таинствената прес-конференција ја искористиле чешките обложувалници и им овозможиле на Чесите да се кладат за тоа што ќе објави претседателот, а меѓу најбизарните биле дека претседателот ќе го посвои својот портпарол, ќе ја омажи својата ќерка за него, или дека ќе најави посетата на американскиот претседател Доналд Трамп или на Северна Кореја Ким Џонг Ун во Прага.

Мкд.мк