Британските власти удираат по руските олигарси


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Министерката за надворешни работи на Велика Британија Лиз Трас го претстави британскиот план со кој ќе извршат силен економски удар врз банките, енергетските компании и олигарсите кои се блиски до Кремљ, во случај Русија да ја нападне Украина.

Економските аналитичари, пак, стравуваат дека руска инвазија на Украина би можела да предизвика прехранбена криза во Британија. Украина е 63 најголем трговски партнер на Британија, која испорачува житарки, растителни масла, масти, овошје но и сточна храна.

Борецот за борба против корупцијата Бил Браудер смета дека ударот врз економијата, но и блиските пријатели на Владимир Путин е единствениот начин да се сопре Русија во намерата да изврши инвазија на Украина.

„Наскоро ќе бидат воведени санкции за пет олигарси. Тоа би покажало дека постои политичка волја на Британија да спречи катастрофа. Доколку Русите не се повлечат, ќе следат санкции за уште 5 лица, а потоа и за 50 ако извршат инвазија“, вели Браудер.

Со неговите проценки се согласува и министерката Трас, која најави борба со руската економија и олигарсите кои живеат во Британија.

Меѓутоа, Браудер предупреди дека Британија ќе се соочи со „интензивно лобирање“ на руските олигарси за да се осигури да не бидат тие лично санкционирани.

„Тие ќе ангажираат и лобисти и фирми за односи со јавноста, а на британската влада ќе ѝ биде потребна сила и храброст да се избори со тоа“, вели Браудер.

Катастрофа на повидок

Западните земји со недели се подготвуваат за можна руска инвазија на поранешната советска држава. Рускиот претседател Владимир Путин собра војска долж украинската граница, додека западните сојузници истураат оружје како помош за Киев.

Украина е значителен извозник на производи од житарки и пилешко во Обединетото Кралство. Воен судир на истокот би имал директни последици и врз животот на граѓаните на Британија, кои би морале да се соочат со празни полици во маркетите.

Според министерството за меѓународна трговија, стоковата размена меѓу овие две земји изнесувала 1,6 милијарди фунти минатата година, вклучувајќи 704 милиони фунти извоз во Украина и 851 милион фунти увоз.

Главниот извоз од Британија во Украина се медицински и фармацевтски производи, машини, автомобили, хемикалии и текстил. Главниот увоз од Украина, по железото и челикот, се прехранбените продукти.

Британија и Украина дури неодамна го ажурираа постоечкиот трговски договор, откако Британија ја напушти Европската Унија. Тоа доведе до зголемен увоз на украински производи.

Бејт Томс, претседавачот на Британско-украинската стопанска комора, оцени дека Украина би можела сама да ѝ обезбеди храна на Британија – нација која е во опасност кога станува збор за одржување на залихите на полиците бидејќи увезува повеќе од храната која што ја консумира. Трговските патишта меѓу овие две земји, смета Томс, се безбедни од геополитичките тензии на море, бидејќи железничкиот товар може да патува меѓу нив за кратко време. Меѓутоа, ако дојде до копнена инвазија, Британија ќе ги почувствува последиците.

Трговијата под прашалник

Кетрин Маер, конзервативна пратеничка која ја врши функцијата на трговски претставник на британската влада во Украина, предупреди дека властите на таа земја треба поприлично да стравуваат поради случувањата на истокот.

„Ако дојде до инвазија, трговијата ќе биде погодена, а особено ако Русија ја окупира Украина“, изјави таа. „Украинскиот народ и неговата влада длабоко ја ценеа нашата посветеност на поддршката на независноста на Украина. Како резултат на тоа, британските производи се многу популарни и треба да се очекува нашиот извоз значително да порасне во следните години – нормално, ако земјата не е во војна“, истакна Маер.