Борис Џонсон: „Имаме трговски договор со ЕУ“ – фунтата експресно почна да руши рекорди


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Само неколку минути откако британскиот премиер Борис Џонсон објави дека Велика Британија го постигна долгоочекуваниот трговски договор со ЕУ после фамозниот „Брегзит“, британската фунта собори скоро двегодишен рекорд во однос на доларот.

Британската фунта скокна за повеќе од 0,8 проценти во однос на доларот и сега вреди 1,3624 долари, што е многу близу до комплетниот рекорд од мај 2018 година.

Фунтата скокна и во однос на еврото и сега вреди 1,1154 евра. Еврото, во меѓувреме, зајакна во однос на доларот и оди за 1,2205 долари.

Сè уште е рано да се видат „последиците“ од трговскиот договор ЕУ-Велика Британија на берзите, кои вчера беа затворени порано, поради католичкиот Бадник.

Велика Британија и Европската Унија вчера го склопија долгоочекуваниот постбрегзитски трговски договор, завршувајќи ги 11-месечните преговори што почнаа на 31 јануари, кога Велика Британија официјално го напушти блокот и влезе во преодниот период.

Набргу откако го склопил договорот со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен, Џонсон радосно им крена палци на фоторепортерите од зад својата работна маса. „Постигнавме договор“, напиша премиерот на Твитер.

На фотографиите објавени од Даунинг стрит се гледа британскиот премиер насмеан додека разговара со Фон дер Лејен преку видеоврска.

Претседателката на ЕК порача дека е „време е да ја свртиме страницата и да погледнеме кон иднината“.

Таа додаде дека со Џонсон донела три заклучоци.

Прво, дека „единствениот пазар ќе биде фер и ќе остане таков“. Второ, Фон дер Лејен рече дека ЕУ ќе продолжи да соработува со Велика Британија во сите области од заеднички интерес, вклучително и за климатските промени. Трето, таа рече дека ЕУ обезбедила пет и пол години целосна стабилност на правата на риболов, што беше главна област на несогласување меѓу двете страни во преговорите.