ББС: Невидливото малцинство во Грција


Одиме јако! Не чека ЛУД викенд! ↓↓↓


Со ратификувањето на договорот, со новоименуваната Република Северна Македонија, Грција имплицитно го признава постоењето на македонски јазик и етничка припадност. А сепак, со децении го негираше постоењето на сопственото македонско малцинство, вели Марија Маргаронис. Ќе се промени ли нешто сега, запрашува Би-Би-Си, во најновата сторија, објавено на електронското издание.

Пензионираниот адвокат, г-дин Фокас (92) зборува беспрекорен формален грчки јазик, но сепак додава дека негов мајчин јазик е македонскиот, словенски јазик, сличен со бугарскиот јазик, кој се говори на овој дел од Балканот со векови. Во модерната куќа на неговиот син во едно село во северна Грција, тој ме води низ болната историја на грчкото непризнаено малцинство што го зборува овој јазик, пишува репортерот на Би-Би-Си.

Г-дин Фокас од самиот почеток нагласува дека е етнички Македонец, но и грчки патриот. Тој има добра причина да ја нагласи својата лојалност: за речиси еден век, етничките Македонци во Грција биле предмет на сомнежи и, понекогаш, прогон, дури и кога нивното присуство било негирано од речиси сите.

Повеќето не сакаат да разговараат за нивниот идентитет. Ги нарекуваат едноставно „локални жители” (допии), кои зборуваат јазик наречен „локален” (dopya). Тие се целосно отсутни од училишните учебници по историја, не се прикажани во пописите од 1951 година (кога беа регистрирани беа наречени „луѓе кои зборуваат словенски“) и се едвај споменати во јавноста. Повеќето Грци дури и не знаат дека постојат.


Тоа бришење беше една од причините за долготрајниот спор на Грција со поранешната југословенска република, која сега официјално се нарекува Република Северна Македонија. Спорот конечно беше решен минатиот месец со гласање во грчкиот парламент што го ратификуваше договорот од минатиот јуни од страна на двата премиера. Би-Би-Си додава дека Алексис Ципрас, за време на парламентарната расправа, споменал постоење на „славомакедонци” во Грција – за време на Втората светска војна, со што го нарушил долгогодишното табу.

Репортажата на BBC потсетува на историските околности по кои Македонија останува поделена во три држави. Од Грција некои беа избркани а некои подложени на систематска асимилација. На сите населени места со негрчки имиња им се даваат нови имиња, избрани од комисија кон крајот на 20-тите години на минатиот век, иако еден век подоцна, „локалците“ сè уште ги користат старите називи.

Во 1936 година, почитувачот на Мусолини, диктаторот Метаксас, го забранува македонскиот јазик и ги принудува луѓето да ги сменат своите родени имиња со грчки. Фокас во тоа време има само 9 години но памти како грчки жандари кмишеле по македонски погреби за да чујат некој да не проговори на забранетиот јазик. Тоа е време на судски прогони, закани и тепања, време кога македонските жени носеле шамија преку уста за да го маскираат својот македонски, бидејќи грчки не знаеле.

Само од неговото село, 20 луѓе, главно глави на големите семејства, биле однесени на островот Иос каде биле измачувани и терани да пијат гадни лаксативни масла, за да се „прочистат“ од несаканиот идентитет.

За подоцнежната граѓанска војна и исходот од неа, Фокас ќе каже:

„Македонците платија најмногу во таа војна. 8 луѓе од мое село на прек суд беа осудени на смрт и беа егзекутирани, осум од следното село, 23 од следното… Заедно убија дедо и внук, малиот имаше само 18 години.“

Фокас тоа време студира во Солун но сепак бива казнет и минува три години во зандани на островот Макронисос. Самиот не сторил ама баш ништо ама казнет е затоа што мајка му му помогнала на својот брат да избега.

Повеќето затвореници во Макронисос биле грчки левичари кои биле терани да потпишат каење за своите врски со комунистите. Тие кои одбивале морале да ползат под бодликави жици, биле претепувани со стапови.

„Страшни работи беа правени. Но, не смееме да зборуваме за нив, бидејќи ќе ја навредиме грчката цивилизација и ќе му наштетиме на грчкиот углед,“ вели стариот.

Во 1982 година, повеќе од 30 години откако завршува конфликтот, грчката социјалистичка влада донесува декрет по кој бегалци од граѓанската војна можат да се вратат во земјата во која се родени, но само ако имаат – грчко етничко потекло. Етничките Македонци од Грција остануваат исклучени од земјата, нивните имоти и села, нивните семејства со кои војната ги раздели.

Вујкото и дедото по мајчина страна на Фокас умираат во Скопје. Тој вели дека дури и таков еден декрет потврдува дека во Грција живеат етнички Македонци.

„Тие бегалци од војната зад себе оставија деца, внуци, татковци и мајки. Што се тие ако не се Македонци?“

Не постои начин прецизно да да се утврди колку ги има денес. Грчки историчари проценуваат дека се околу 100.000 во грчкиот дел на Македонија од кои меѓу 10.000 и 20.000 отворено се идентификуваат како такви а некои од нив пак, се имаат изродено во грчки националисти.

„Моите родители и дома не зборуваа македонски за да не го научам и јас па после некаде пред луѓе да прозборам. Го правеа тоа за да ме заштитат мене. Веќе не се ни сеќаваме од што се плашиме,“ вели средовечен Македонец од Грција, кој живее во село близу Преспанското езеро.

Јазикот бавно умира. Годините на репресија го избуткаа зад затворени врати, асимилацијата ја довршува работата, резимира БиБиСи.

Напоменувајќи дека македонскиот потпис на Преспанскиот договор значеше прифаќање уставни бришења на поимот „малцинство“ во соседни земји и потсетувајќи на насилниот бран протести со благослов на грчката црква, сторијата вели дека за Македонците кои долго време не бараат ништо друго освен право културно да се изразат, „веројатно сè уште не е дојдено времето да излезат од сенка“.