Аманет (до уметниците) од Огист Роден


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Млади луѓе, вие кои сакате да ѝ служите на убавината, можеби ќе ви биде пријатно овде да го најдете накратко изложено она до кое се дошло преку долго искуство.

Набожно сакајте ги мајсторите кои се ваши претходници.

Поклонете се пред Фидија и Микеланџело. Восхитувајте им се на божествениот мир од едниот и дивиот немир од другиот. Восхитувањето е благородна напивка за возвишените духови.

Но, сепак, избегнувајте го подражавањето на вашите претходници. Полни со почит кон традицијата, научете се да го разликувате она вечно плодното што таа го содржи во себе: љубовта кон Природата и искреноста. Тоа се две силни страсти на гениите. Сите тие ја обожаваат Природата и никогаш не лажеле. На тој начин традицијата наложува без престан да ѝ се обраќате на стварноста и не ви дозволува слепо да се потчините на ниту еден мајстор.
Нека Природата биде ваша единствена божица. Целосно верувајте во неа. Бидете уверени дека таа никогаш не е грда и своите стремежи ограничете ги на тоа да ѝ бидете верни.

За уметникот сè е убаво, бидејќи во секое битие и во секоја ствар неговиот продорен поглед открива карактер, односно внатрешна вистина која проблеснува од под облаците. А таа вистина е убавината. Посветено учете: мора да ви појде од рака да ја најдете убавината, бидејќи така ќе ја сретнете вистината.

Работете со страст.

Вие, вајари, зајакнувајте ја во себе смислата за длабочина. Духот тешко се сродува со тоа чувство. Тој јасно може да ги замисли само површините. Тешко му е облиците да ги замисли во просторот. Меѓутоа, токму во тоа е и вашата задача.

Пред сè, јасно поставете ги основните планови за фигурата која ја вајате. Силно акцентирајте ја положбата која ја давате на секој дел од телото, главата, рамената, долниот дел од малиот стомак, нозете. Уметноста подразбира и бара одлучност. Само кога силно ќе го истакнете текот на линиите, вие понирате во просторот и ја освојувате длабочината. Кога ќе ги утврдите главните планови, сè е решено. Вашата статуа веќе живее. Деталите тогаш се раѓаат и разместуваат сами од себе.
Кога моделирате, никогаш не мислете на површината, туку на релјефот.

Нека вашиот дух секоја површина ја сфати како краен дел од некој волумен кој од страна го притиска. Облиците замислете дека се насочени кон вас. Сиот живот извира од едно средиште, а потоа се развива и расцветува однатре нанадвор. Исто така, во секое убаво вајарско дело, секогаш се насетува силен внатрешен притисок. Во тоа е тајната на античката уметност.

Вие, сликари, исто така, длабочински набљудувајте ја стварноста. Погледнете, на пример, еден портрет од Рафаел. Кога овој мајстор го прикажува лицето, градите ги закосува и така постигнува илузија на трета димензија.
Сите големи сликари понираат во просторот. Нивната моќ лежи во чувството за длабочина.

Запаметете го ова: Не постојат линии, постои само волумен. Кога цртате, никогаш главното внимание не го фокусирајте на контурата, туку на релјефот. Релјефот господари со контурата.
Вежбајте без престан. Треба да бидете прекалени во занаетот.
Уметноста е само чувство. Но, без познавање на зафатнината, пропорциите, боите, без вешти раце, и најживото чувство е умртвено. Што би бил и наголемиот поет во странска земја чиј јазик тој не го знае? Во новата генерација на уметници има многу поети кои, за жал, одбиваат да научат да зборуваат. Затоа само мумлаат.
Трпение! Не сметајте на вдахновение. Такво нешто не постои. Единствените одлики на уметникот се мудрост, внимание, искреност, волја. Работете ја својата работа како чесни работници.

Млади луѓе, бидете искрени. Но, тоа не значи да бидете, просто, точни. Постои една проста точност: точноста на фотографијата и одливот. Уметноста почнува дури со внатрешната вистина. Нека сите ваши облици, сите ваши бои ги толкуваат чувствата.

Уметникот кој се задоволува со залажување на окото и ропски ги репродуцира деталите без вредност, никогаш нема да биде мајстор. Ако сте посетиле во Италија некои гробишта, сигурно сте забележале дека уметниците кои се задолжение за украсување на гробовите, детинесто настојуваат на нивните бисти точно да ги изработат везовите, чипките, плетенките. Можеби тие е прецизни. Но, не се искрени бидејќи не ѝ се обраќаат на душата.
Речиси сите наши вајари потсетуваат на вајарите од италијанските гробишта. На спомениците поставени по нашите плоштади се гледаат само реденготи, маси, столчиња, столови, машини, балони, телеграфи. Нема внатрешна вистина, што значи – нема уметност.

Ужаснувајте се од тие старудии.

Бидете длабоко, сурово искрени. Никогаш не се притеснувајте и не се воздржувајте да изразите што чувствувате, дури и кога не се согласувате со усвоените идеи. Можеби нема веднаш да бидете сфатени. Но, нема долго да останете осамени. Пријателите набрзо ќе ви пријдат, бидејќи она што е длабоко вистинито за еден човек, вистинито е за сите луѓе.

Само,без додворување, без умилкување со чија помош би се привлекла публика. Бидете едноставни, и бидете невини!

Најубавите предмети се пред вас: тоа се оние кои најдобро ги познавате.

Мојот драг и голем пријател, Ежен Кариер, кој толку рано не напушти, покажа голема дарба сликајќи ги својата жена и децата. За да бидете возвишен, доволно му беше да ја велича мајчинската љубов. Мајстори се оние кои со свои очи го гледаат она што сите го виделе и кои умеат да ја забележат убавината на она што е премногу обично за останатите луѓе.

Слабите уметници секогаш гледаат низ туѓи очи.
Најважно е да се биде возбуден, да сакаш, да се надеваш, да трепериш, да живееш. Прво да бидеш човек, а потоа уметник. Вистинската речитост ѝ се потсмева на речитоста, велеше Паскал. И вистинската уметност ѝ се потсмева на уметноста. И овде го земам за пример Ежен Кариер. На изложбите, повеќето слики се само насликани на платно. А неговите, меѓу другите, изгледаат како прозорци кои гледаат кон животот.

Примајте оправдани критики. Лесно ќе ги препознаете. Тие се критиките кои ќе ви го потврдат сомнежот со кој сте опседнати. Немојте да ве поколебаат критиките кои вашата совест не ги прифаќа.

Немојте да се плашите од неправични критики. Против нив ќе се кренат вашите пријатели. Тие ќе ги натераат да размислат за својата наклонетост кон вас и тие уште порешително ќе си ја избистрат кога подобро ќе ги осознаат нејзините побуди.

Ако вашиот талент е нешто ново, на почетокот ќе имате малку приврзаници, а еден куп непријатели. Немојте да се обесхрабрувате. Првите ќе победат, бидејќи тие знаат зошто ве сакаат. Вторите не знаат зошто сте им одбивни. Првите се воодушевуваат од вистината и постојано привлекуваат нови приврзаници кон неа. Другите воопшто не остануваат трајно на своето погрешно мислење. Првите се упорни, вторите се вртат како што дува ветрот. Вистината секако ќе победи.

Немојте да губите време на создавање општествени и политички врски. Ќе видите многу ваши собраќа како со помош на сплетки доаѓаат до чест и богатство. Тие не се вистински уметници. Меѓутоа, некои од нив се многу интелигентни и ако се впуштите во борба со нив, на нивен терен, ќе потрошите исто толку време колку и тие, поточно цел живот. Нема да ви остане ни еден миг за да бидете уметник.

Страсно сакајте ја својата мисија. Нема ништо поубаво на светот од тоа. Таа е далеку повозвишена отколку што прост човек смета дека е.

Уметникот дава голем пример.

Тој го обожава својот занает. Негова најубава награда е тоа што прави добро. Денес, за жал, работниците, на нивна несреќа, ги наговараат да ја мразат работата и да саботираат. Човечкиот род ќе биде среќен дури кога сите луѓе ќе бидат уметнички души, т.е. кога сите ќе уживаат во својата работа.

Уметноста е прекрасна лекција по искреност. Вистинскиот уметник секогаш го изразува она што го мисли, по цена да се конфронтира со сите утврдени предрасуди.
На тој начин ги учи своите блиски да бидат отворени.
Замислете колку чудесен напредок би имало кога одеднаш меѓу луѓето би завладеала апсолутна љубов кон вистината!

Ах, како општеството би се ослободило од заблудите и грдотиите кои би ги признало и колку брзо нашата земја би станала Рај!

Огист Роден