Адел отворено кај Опра – за односот со татко ѝ, за алкохолот и за разводот


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


33-годишната пејачка Адел на гостувањето кај Опра, говореше за повеќе детали од сопствениот живот, новата врска со Рич Пол (39), за разводот, но и за односот со татко ѝ со кого долго време немаше никаков контакт и кој почина во мај годинава на 57-годишна возраст.

Во текот на својата кариера Адел јавно говореше за отсуството на нејзиниот татко, го обвинуваше за тоа што никогаш не бил тука за неа, но, како што посочи во интервјуто, конечно успеала да стави крај и на тоа поглавје од нејзиниот живот.

Адел призна дека, спротивно од пишувањата на голем број светски медиуми, таа сепак остварила контакт со татко ѝ Марк Еванс, непосредно пред неговата смрт во мај годинава.

Како што рече, тоа што одлучила да оди во Велс и да го посети татко ѝ непосредно пред неговата смрт, ѝ дало можност да добие завршница и да стави крај на приказната што во голема мера го одредила нејзиниот начин на живот.

„Татко ми воопшто не беше присутен и не се трудеше воопшто да биде со мене… Но, конечно сфатив дека тоа беше поради алкохолот… Алкохолот ми го зема татко ми“ – низ солзи рече Адел.

Пејачката прокоментира и за нејзиниот однос со алкохолот, па вели дека тоа што се случило со татко ѝ било доволна причина за да ја натера да се освести.

„Кога сфатив дека треба многу да работам на себеси, престанав да пијам и почнав многу да вежбам.“

Пејачката која на 19-ти ноември годинава треба да го објави својот четврти студиски албум насловен „30“, проговори и за тоа како односот со татко ѝ во голема мера предодредил во каква личност се развила и за тоа како се однесувала со партнерите.

Таа вели дека тоа што татко ѝ ја напуштил кога имала само 3 години и неговото отсуство влијаеле на тоа како таа се однесувала во врските како возрасна личност и ја натерало да ги повреди партнерите како одбранбен механизам за да избегне да биде повредена.

Претходно во интервју за Vogue, Адел говореше за тоа дека во последните две години поради анксиозноста често ѝ се случувало утехата да ја побара во алкохолот.

Но, подоцна почнала сѐ повеќе да се свртува кон вежбањето со цел да се справи со анксиозноста и стресот, а некогаш ѝ се случува да вежба и по 2-3 пати дневно.

Адел веќе во неколку наврати напомена дека нејзината најнова песна насловена Easy on Me е инспирирана од разводот, а како што вели се чувствувала засрамена што нејзиниот брак со Сајмон Конецки се распаднал, исто како и бракот на нејзините родители.

„За мене бракот е мошне сериозна работа, а изгледа како да не е така… Кога имаме деца, треба да останеме заедно и се обидував. Бев мошне разочарана заради мојот син, бев мошне разочарана заради себеси.

Нема ништо пострашно од она што го преживеав во последните две години зад затворени врати“ – рече таа.

Адел ја прокоментира и нејзината врска со спортскиот агент Рич Пол, за кого кажа дека тој многу ја засмејува и дека прави таа врска да биде мошне лесна за неа.