Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Навивачите на Челзи можат да си дадат оддишка – Антонио Конте и во следните години ќе биде на кормилото од „Сината машинерија“ кон нови победи и титули.
Пожарот кој настана изминативе неколку дена после наводните закани од Конте дека би можел да си оди од Стемфорд Бриџ поради тоа што клубот уште го нема решено прашањето со неговиот нов договор, а уште помалку засилувањата за новата сезона, го изгасна Роман Абрамович, преземајќи ги работите во свои раце и решавајќи ја ситуацијата со еден потег – потпиша чек на 11 милиони евра годишно за Конте и за тоа ја извести директорката и жена од доверба, Марина Грановскаја, давајќи зелено светло понудата да му ја претстави на Италијанецот.
Sky Sport пренесува дека Конте брзо го завршил состанокот со Грановскаја и го прифатил драстичното зголемување на платата (сегашниот договор му е на 7 милиони евра годишно), со што е ставена точка на приказната која се закануваше да стане нова сага на трансфер пазарот. Додуша, она што и понатаму е непознато е колку може да трае новиот договор, а се шпекулира со датумот јуни 2020 година.
Сега, кога Челзи ја пречкрта како решена најважната ставка на листата, Грановскаја, Абрамович и Конте можат со заедничк сили да се фрлат на најголемиот шопинг во клубската историја. Абрамович, како што исктанува, е спремен да вложи огромен кеш за да го врати Челзи на врвот од фудбалска Европа, а се шушка за сума од над 250 милиони евра за пет ексклузивни засилувања.
Имињата на засилувањата кои ги посакува Конте се познати од претходно. Прв е Ромелу Лукаку, кој практично е со една нога на прагот од Стемфорд Бриџ, а Челзи наводно ги договориле сите детали за трансферот од кој Евертон ќе се офајди со 80 милиони евра. Тоа значи дека заминувањето на Диего Коста е завршена работа, а Челзи ќе се обиде максимално да го извлече секое евро од неговата продажба. Ако е можно, барем 60 милиони евра, што би требало да ги покријат трошоците за доаѓање на барем едно големо засилување во одбраната. За ваква сума засега само Кинезите се спомнуваат како сериозно решение, додека Коста сака во Атлетико, кои пак нудат само половина од споменатата сума.
На мета е и тандемот на Јувентус Алекс Сандро – Леонардо Бонучи, кој сега, наводно, е многу блиску до заминување од Торино. Сандро, како што се пишуваше, поднел барање да биде ставен на трансфер листата за да може полесно да избоксува заминување во Челзи, кој еднаш веќе понуди 60 милиони евра, но Марота со леснотија ги одби. Сините се спремни уште еднаш да пуштат чек понуда со иста сума, бидејќи сега патот кон бразилскиот лев бек е отворен.
Челзи ова лето ќе се обиде да купи и еден врвен стопер, како замена за клубската легенда Џон Тери. Прва желба е Бонучи, а откако во Италија почна да се шушка за отворениот судир на Бонучи со својот сонародник, соиграч и долгогодишен пријател Андреа Барзали, патот кон Лондон е сè повеќе отворен. Добро, тешко е во овој момент да се замисли Јувентус во краток временски период да остане без Дани Алвеш (блиску до Манчстер Сити), па и Сандро и Бонучи, ама сепак, „Старата дама“ има спремни млади стоперски алтернативи во Даниеле Ругани и Калдари, кого Марота го сака што поскоро во Јувентус, иако веќе потпиша договор со Аталанта за тој во Бергамо да остане до крајот на следната сезона.
Челзи, секако, има и резервна варијанта од која нема да се откаже ако пропадне приказната со Бонучи. Во прашање е Вирџил ван Дајк, кој направи голема врева на Островот кога Ливерпул се обиде да го откупи од Сатуемптон. Светците, да потсетиме, им се заканија на Редсите дека ќе ги тужат поради недозволено врбување на играчот. Од тогаш Ливерпул се повлече од сцената, а Челзи се обидува да го опипа пулсот и да го намали бараното обештетување од речиси 80 милиони евра. Баш како и за Бонучи. Сините би дале најмногу 60 милиони евра за Ван Дајк, што веројатно и ќе успеат да го направат, но дури кога преодниот рок ќе биде при крај.
Од претходно е познато дека во клубот стигнува фантастичниот дефанзивец од Монако, Бакајоко, за скоро 45 милиони фунти, што значи дека Немања Матиќ ќе оди кај Жозе Мурињо во Манчестер Јунајтед, а се споменува сума од 35 милиони фунти.
На крајот, англискиот шампион ќе доведе и едно засилување без обештетување, а тоа е Вили Кабаљеро, како замена за Тибо Куртоа. Досегашниот резервен голман Асмир Беговиќ премина во Вест Бромвич Албион за скоро 11 милиони евра, па Белгиецот моментално е без замена.
Челзи веројатно ќе тргне во поход и по еден квалитетен крилен напаѓач и тоа како замена за Вилијан, кому му се насменува богат трансфер во Кина. А тука Челзи би можеле сериозно да заработат и така да добијат финансиска инјекција доволно силна за да ги покрие трошоците за уште еден голем трансфер.
Или на кратко кажано – сè е спремно за Стемфорд да направи ршум на пазарот.