Во Рим, град кој знае како да им оддаде почит на легендите, овие денови црвената боја зборуваше погласно од секој збор.
Меѓу бројните присутни кои дојдоа да се простат од Валентино Гаравани, особено се издвои Донатела Версаче – не со гест, туку со симбол. Се појави во интензивен црвен костум, свесно избирајќи боја која децении наназад е нераскинливо поврзана со името на Валентино.
Rosso Valentino. Тоа не беше само модна одлука, туку внимателно испратена порака. Дискретна, но силна. Лична, но универзална.
Во текот на двата дена на јавна проштална церемонија, седиштето на Фондацијата Валентино во Рим беше претворено во место на тивка поворка. Модни познавачи, долгогодишни соработници, пријатели, но и обични граѓани, минуваа покрај светлокафеавиот дрвен ковчег на дизајнерот кој почина на 19 јануари на 93-годишна возраст. Набргу пред погребот кој се одржа во петок, на 23 јануари, атмосферата беше исполнета со емоции, сеќавања и длабока почит.
Донатела Версаче, долгодишна пријателка на Валентино, одлучи да се прости на начин кој и самиот Валентино ќе го разбрал – преку естетиката. Нејзината комбинација беше строга, но емоционално силна: совршено скроено црвено сако со длабоко деколте, под кое се наѕираше едноставна бела маица, панталони со ѕвонест крој, високи платформи – омаж на гламурот на старата школа – и чанта во истата огнена нијанса. Секој детал носеше значење, секоја линија – почит.
Наскоро по објавата на веста за неговата смрт, Версаче јавно зборуваше за Валентино како за „вистински мајстор, кој засекогаш ќе остане запаметен по својата уметност“. Нејзиното појавување во Рим изгледаше како продолжение на таа реченица – без патетика, но со силна свест за големината на загубата.
Покрај неа беше и Пјерпаоло Пичоли, поранешен креативен директор на куќата Валентино, денес на чело на Баленсијага. Неговата сосема црна комбинација беше сведена, класична и тивка – контрапункт на црвеното на Донатела, но со исто толку јасна порака на почит.
ЦРВЕНАТА ШТО СТАНА МИТ
Rosso Valentino никогаш не беше само боја. Таа беше емоција, препознатлив белег, идентитет. Уште од самите почетоци, оваа специфична нијанса – некаде меѓу портокалова и магента – содржеше во себе страст, аристократска смиреност и речиси ритуално чувство на луксуз. Валентино интуитивно разбираше нешто што денес го викаме „брандирање преку боја“ – моќта една боја засекогаш да се поврзе со име, естетика и вредности.
Легендата вели дека идејата се родила кон крајот на педесеттите, за време на едно патување во Барселона. Една вечер во операта, една жена со седо коса, едно црвено палто – слика што засекогаш му останала во сеќавањето. Веќе во 1960 година, на својата прва ревија, Валентино му ја претстави на светот црвената боја која подоцна ќе стане негов заштитен знак. Оттогаш, секоја колекција имала барем еден црвен парче – како амајлија, како ветување.
Од Џеки Кенеди и Клаудија Шифер, до Ен Хатавеј и Џенифер Анистон, Rosso Valentino облекувала жени кои ја обликуваа современата претстава за женственоста. Повеќе од естетски избор, стана културен код, симбол на самодоверба и вечна елеганција.
Затоа црвената на Донатела во Рим не беше случајност. Таа беше омаж, знак на разбирање и тивко „благодарам“. Зашто некои бои не избледуваат – тие остануваат да зборуваат, дури и кога нивниот творец ќе замине.