23 воза во Германија речиси еден час беа во застој заради тагата на еден лебед


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Сообраќањето на 23 германски воза скоро цел час беше во застој поради еден тажен лебед кој од жал по својот партнер лежел крај шините на германската железница сè додека пожарникарите не го отстранија со специјална опрема, соопшти полицијата.

Двете птици залутале на пругите за брзи возови меѓу Касел и Гетинген во централна Германија, соопшти полицијата од Касел.

Една од птиците починала, најверојатно откако се заглавила во каблите за напојување, според изјавата за инцидентот од 23 декември, а приказната е објавена вчера.

Вториот лебед потоа легнал покрај трупот на својот партнер и не сакал да се помрдне и покрај обидите на полицајците да го избркаат, поради што сообраќајот бил привремено запрен, пренесува агенцијата Франс прес.

Подоцна биле повикани пожарникари со специјална опрема кои успеале да го извадат мртвиот лебед и неговиот придружник.

Поради операцијата, 23 возови доцнеле околу 50 минути, се вели во соопштението. Преживеаниот лебед не бил повреден и подоцна бил пуштен во реката Фулда, додава полицијата.

Според британското кралско друштво за заштита на птици, лебедите цел живот имаат само еден партнер.