Актуелно

15 години Бизнис конфедерација на Македонија

Со огромна мрежа од членови, бројни проекти, партнерства со клучни меѓународни организации и со јасно дефинирани приоритети за подобрување на бизнис климата во земјава, Бизнис Конфедерација на Македонија ја одбележа 15годишнината од своето постоење.

Пред бројните гости, Министерот за финансии Кирил Миноски, претставници од ЕУ Делегацијата во Македонија и од Меѓународната организација на трудот, бизнис заедницата, Конфедерацијата ги објасни приоритетите во досегашната работа, партнерство и соработка, иновативност и знаења, транспарентност и создавање на општествено одговорни претпријатија.

Создавањето поволна бизнис клима се покажа како голем, но исто така и успешен предизвик. Во сите овие години постоење и работа, самостојно но и со помош на нашите партнери од меѓународните организации успеавме влијаеме на  подобрување на деловното окружување во земјава од аспект на едукација, воспоставување социјален дијалог, примена на корпоративно корисни практики и целосната перцепција на можностите и амбициите за раснење и развивање на бизнисот. Она што го постигнавме ни покажа дека имаме уште многу што да правиме, дека потенцијал постои и потребно е на македонските компании од секаков профил и обем, да им се укаже на бројните перспективи кои стојат пред нив. Така што, Бизнис Конфедерација на Македонија ќе продолжи и понатаму да ги артикулира и поддржува бизнис интересите на своето членство, но и воопшто на бизнис приликите во земјава, изјави Миле Бошков, Претседател на Бизнис Конфедерација на Македонија.

Петнаесетгодишниот јубилеј беше обележан со организирање на панел дискусија на тема Подобра бизнис клима за бизнис независност и интегритет. Панелистите Зоран Мартиновски, Директор на Меѓународната Финансиска Корпорација, членка на групацијата на Светска Банка се осврна на процесите кој ги воведуваат компаниите за да го достигнат нивото на долготрајна одржливост и бизнис независност. Дарко Маџоски, експерт за насочување, управување и тренирање со менаџери изнесе ставови и знаења за околу клучните постапки и чекори за достигнување на целосен бизнис интегритет за фирмите. Родовата еднаквост во насока на еднакво и балансирано управување со бизнисите и дали бизнис интегритетот е тесно условен со бизнис родова рамноправност беше експозето на Валентина Дисоска, Претседател на Здружението на бизнис жени и стопанственик. Жан Мари Стандарт, сениор експерт од Холандската програма за управување со здруженија на работодавачи се осврна на улогата на работодавачите во креирањето на бизнис независност.

Покрај претставувањето и застапувањето на интересите на своите членови, БКМ е катализатор на изразување на деловната заедница и поттикнувач на социјалниот дијалог и индустриските односи во земјата. Промовирајќи го концептот на одговорно водење на бизнис, поттикнува одржливост на економијата и долгорочен развој на компаниите. Денес членството на БКМ брои 8.500 компании здружени во 13 деловни здруженија, со две регионални канцеларии во Прилеп и Тетово и централата во Скопје.

Организацијата на настанот и одржувањето на панел дискусија се поддржани и овозможени од проектот Унапредување на социјалниот дијалог, кој го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

To Top