Како е да се биде професионален Counter-Strike играч! ↓↓↓
Опозицијата досега не успеа да обезбеди кворум за седницата за гласање недоверба на Владата откако остана без гласот на пратеникот Кастриот Реџепи од Беса.
Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и БЕСА, Христијан Мицскоски и Биљал Касами влегоа во Собрание на средба за да ја расчистат ситуацијата со отсуството на пратеникот Кастриот Реџепи, поради чие отсуство не е почната седницата по иницијативата за гласање недоверба на Владата на Заев.
Лидерот на Беса и актуелен градоначалник на Тетово, Биљал Касами денеска пред Собранието во изјава за медиумите истакна дека тука е со цел да види што се случува затоа што нема информации.
На прашањето за тоа дали е изненаден од неговиот пратеник Кастриот Реџепи, Касами кратко додаде дека не е изненаден.
„Не, од ништо не сум изненаден“, вели Касами.
Инаку, претходно пратеникот на Беса, Кастриот Реџепи, преку својот Фејсбук профил посочи дека нема да учествува на седницата на која треба да се гласа доверба на Влада.
Врвот на опасноста на демократијата се достигнува кога преку недемократски форми, дури и на пратениците им се оневозможува слободното изразување на волјата, објави секретарот на Движењето Беса, Аријанит Хоџа, на својот фејсбук профил.
„Заканата, уцената или другите форми на влијание се показател за инсталирање режим кој е ставен над волјата на народот. И покрај се, Движењето БЕСА ја продолжува војната. Одиме по нашиот свет пат за да го победиме злото!, пишува Хоџа и додава дека секој поединечно ќе одговара за своите постапки, додека Движењето БЕСА „продолжува со политичкото патување“.
Тој уште посочува дека соработката на опозицијата со Алијансата за Албанците и Алтернатива „ќе продолжи до последното уривање на овој режим“.