Започнаа проблемите: Во Манчестер Јунајтед се одржал кризен состанок!

Како кула од карти брзо се руши довербата на Оле Гунар Солскјер после стартот од соништата во Манчестер Јунајтед, пишува Спортски.мк.

Солскјер имаше старт каков што никој не очекуваше, донесе голема еуфорија помеѓу навивачите, но сега не му оди. Манчестер Јунајтед изгуби на седум натпревари од последните девет, а последниот гол од игра „црвените ѓаволи“ го постигнаа на 2-ри април (девет часа без погодок од активна игра).

Се појави и информација дека ова е најлошата низа на резултати на Јунајтед во последните 57 години.

Сето ова довело до тоа за вчера да биде одржан кризен состанок на кој Ед Вудворд се сретнал со Оле Гунар Солскјер и неговиот помошник Мајк Фелан.

На тој состанок се разговарало за проблемите кои се појавиле во соблекувалната и големиот пад на формата.

Вудворд му замерил на Солскјер и поради тоа првиот состав на Манчестер Јунајтед за дербито против Сити во јавноста се појавил неколку часа пред почетокот на натпреварот.

Според информациите во медиумите на Островот појавувањето на составот во јавноста било голем шок за луѓето во клубот затоа што имале намера да направат тактичко изненадување со еден од ретките стартови на Дармијан како дел од одбраната составена од пет играчи.

Како причина за протекувањето на информацијата во јавноста се наведува одлуката на Солскјер утрото пред натпреварот клубот да има тренинг во поранешниот комплекс „Д клиф“ каде што не е премногу тешко секој да види што се случува, за разлика од „Карингтон“ кој е многу подобро обезбеден.

Извор: Спортски.мк