
Дерек Хаф проговори за болните искуства од детството, меѓу кои и случка со сосед за која неговите зборови навестуваат дека можеби станувало збор за сексуално злоставување.
Четириесет и едногодишниот член на жирито на „Dancing With the Stars“ зборува за растењето во Јута во новиот документарец „The Symphony of Dance“, чија премиера беше во понеделникот, на 23 ноември, на Hulu и Disney+.
Филмот главно ги следи Дерек и неговата сопруга, Хејли Ерберт Хаф, за време на нејзиното закрепнување од повредата на мозокот во 2023 година, која ѝ го загрози животот. Но, документарецот се осврнува и на тешките искуства што го обележале неговото детство.
Во еден особено личен момент, Дерек се присетува на физичкото малтретирање и заканите од луѓе во неговото соседство.
Според „Ентертејнмент викли“, при посетата на местото во Јута каде што пораснал, тој раскажува дека соседите постојано го земале на нишан.
Опишува повеќе вознемирувачки случки: го врзувале и го оставале на поле, го обесувале на дрво со главата надолу, го плукале и му се заканувале со огнено оружје.
„На многу начини, тие практично го тероризираа моето семејство“, се присети Дерек.
Во документарецот тој зборува и за друг сосед, со изјава што навестува можно сексуално злоставување.
„А еден од моите соседи, во недостиг на подобар збор, имаше навистина непримерен физички контакт со мене“, вели тој.
Дерек не го именува изречно тоа искуство како сексуално злоставување, ниту открива дополнителни детали за случката.
Во филмот се појавува и неговиот татко, Брус Хаф, кој зборува за тешкотиите со кои се соочувал неговиот син додека растел.
И покрај проблемите дома и во соседството, Дерек со текот на времето нашол излез во танцот, кој го опишува како свое „безбедно засолниште“.
Документарецот ги прикажува и промените во неговиот живот по разводот на родителите. Се сеќава дека почувствувал олеснување кога го напуштил старото соседство, но големите промени му донеле и неизвесност.
„Само талкав, без никаква насока“, вели тој.
На 12-годишна возраст, Дерек се преселил во Лондон за да тренира кај танчерите Ширли и Корки Балас. Живеел со нив и со нивниот син, Марк Балас.
Подоцна во Лондон му се придружила и неговата помлада сестра, Џулијан Хаф. Таа претходно јавно зборуваше дека била сексуално злоставувана од сосед кога имала околу четири години.
„The Symphony of Dance“ го следи и закрепнувањето на Хејли, која доживеа мозочно крвавење за време на танцовата турнеја на двојката во 2023 година и мораше итно да биде оперирана.
Дерек и претходно емотивно зборуваше за здравствената криза на сопругата, за загубата на бременоста што ја доживеале и за нивната ќерка Еверли.
Документарецот е достапен на Hulu, како и преку Hulu на Disney+ за претплатниците на комбинираниот пакет во САД, а на меѓународно ниво се прикажува на Disney+.
Извор: Just Jared