За Путин проширувањето на НАТО е бесмислено и претставува закана за Русија


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Рускиот претседател Владимир Путин со низа критики го коментираше процесот за проширување на НАТО, за кое, како што рече, било бесмислено ако се земе во предвид дека нема никаква закана од Москва после распадот на СССР во 1991 година.

Зборувајќи на состанок на руските воени лидери во Сочи на Црното Море, Путин кажа дека ширењето на НАТО претставува закана за Русија, но оти се надева дека интересот за заедничка безбедност ќе надвладее, пренесува Ројтерс.

И покрај тензиите, Путин порача дека Русија останува спремна за соработка со воениот пакт.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков кажа дека Русија „со големо внимание“ ги следи настаните во Лондон, каде НАТО одбележува 70 години од формирањето.

Воениот пакт кој има 29 членки е формиран во 1949 година за Европа да се заштити од влијанието на тогашниот Советски Сојуз.

Песков кажа дека НАТО е „производ на ера на конфликти, ерата на Студената војна“, на што Русија не сака да се враќа.

„Сојуз кој е создаден и обликуван со идеологија на конфронтација, нормално, не може да донесе ништо друго освен конфронтација“, кажа Песков.

Сѐ потесните односи на Турција и Москва ги зголемуваат тензиите меѓу членките на НАТО, но Песков тврди дека таа соработка не ѝ штети на Алијансата.