Во Шкотска откриено најстарото фосилизирано копнено животно – нешто како стоногалка старо 425 милиони години


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Суштество со изглед на стоногалка откриено фосилизирано во Шкотска може да претставува најстарото познато копнено животно, скромен пионер на животот на Земјата пред 425 милиони години.

Научниците велат дека фосилот од времето на геолошкиот период силур, откриен на островот Керера на шкотските Хебриди и наречен Kampecaris obanensis, бил населен во областа покрај езерата и се хранел со растенија што се распаѓаат.

Во истата област е пронајден и фосил од најстарата билка со дршка, наречена куксонија.

Иако кампекарисот е најстарото копнено животно за кое се знае од фосили, се верува дека му претходеле црви од почвата, веројатно пред 450 милиони години, рече палеонтологот Мајкл Брукфилд од Универзитетот во Тексас, главен автор на студијата објавена во списанието „Историска биологија“.

Кампекарисот, долг околу 2,5 сантиметри, наликува на модерните стоногалки, но е припадник на изумрен вид што не им е предок на денешните стоногалки. Нозете на кампекарисот не се зачувани во фосилот.

Тој бил членконог, член на широка група без’рбетници што вклучува инсекти, пајаци и стоногалки.

Животот прво се развил во светските океани, а експлозијата на биолошката разновидност почнала пред околу 540 милиони години.

Било потребно време за животот да се појави и на копно, почнувајќи со растенијата слични на мов, пред 450 милиони години. Подоцнежниот развој на растенијата со дршка како куксонијата, помогнал во развојот на посложениот копнен екосистем.

Првите копнени ‘рбетници, водоземци што еволуирале од рибите што живееле во плитките води, се појавиле пред 375 милиони години и тоа биле предците на влекачите, птиците и цицачите вакви како што ги знаеме денес.