Во Албанија ден на жалост: 29 лица го загубија животот во земјотресите кои го погодија Драч


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Бројот на жртви од земјотресот кој го погоди албанскиот град Драч се искачи на 29, додека меѓународните тимови за спасување продолжуваат да пребаруваат по урнатините. Бројот на повредени надмина над 650.

Локалните медиуми пренесуваат дека во Драч, жителите ја поминале ноќта во шатори или во автомобили. Тлото сѐ уште е сеизмички активно и вкупно се регистрирани повеќе од 250 послаби афтер-шокови. За денеска е прогласено ден на жалост во Албанија. Во Албанија денес е Ден на жалост поради жртвите на земјотресите.

Знамињата на сите институции во Аlбанија денес ќе бидат спуштени на пола копје, додека училиштата ќе бидат затворени. Фудбалскиот сојуз на Албанија ги откажа сите натпревари неделава. Вчера и претседателот Хаши Тачи го прогласи 27 ноември за Ден на жалост на Косово.

Спасувачките служби сѐ уште трагаат по преживеани под урнатините. Според последните информации, загинале најмалку 29 луѓе, а над 650 се повредени. Од урнатините се извлечени повеќе од 40 луѓе, а се трага за уште петнаесетина.

Сите спортски сали во престолнината на Албанија се отворени за згрижување на граѓаните.

Помош пристигна од земјите на Европа и светот, како и од регионот.

Епицентарот на најсилниот потрес беше на длабочина од 12 километри во близина на Драч. Последиците на земјотресот се најтешки во местото Туман, 30 километри северно од Тирана, како и во Драч.

Во Драч повеќе никој не плаче ниту кука по улиците, но голема е неизвесноста, јавуваат агенциите.

„Немам каде да се вратам. На собаа во која спијам ѝ недостига цел ѕид. Во сите останати простории или е пукнат ѕидот или се урна плафонот. Моето семејство и јас ќе преспиеме ноќеска во куќа на пријател која не е толку оштетена, но што понатаму – не знам“, изјави момче од дваесетина години.

Друго момче кажа дека во животот не видел ништо пострашно. Тој кажа дека училиштата се затворени, не работат ни банките, а, како што кажа, веднаш по земјотресот струјата во целиот град била целосно исклучена од претпазливост, но набрзо била повторно вклучена.

Продавниците и самопослугите се отворени. Мобилната телефонија работи.

Најмногу настрадале старите згради, додека повеќето новоградби се без потешки оштетувања. Оние кои имаат каде да заминат отишле надвор од Драч, на село.