Владиката Петар до последно не попушти: Причесна ќе се прави со едно исто лажиче


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Како реакција на изјавата на министерот за здравство, Венко Филипче, во која министерот го осудува причестувањето со една иста лажичка, во изјава за Плусинфо митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар одговори со порака луѓето што се неверници и што се против Бога да не се мешаат во црковните работи, бидејќи Црквата не се меша во работата на државата.

„Луѓето што не се во Црквата да не се мешаат во црковните работи, бидејќи нашите верници никогаш не се причестувале од повеќе лажички, па нема ни сега. Луѓето што се неверници и што се против Бога, тие нека си кажуваат што сакаат во јавноста, ама нека не се мешаат во Црквата како што ние не им се мешаме во државата. Ние сме самостојна црква и сами ги носиме одлуките. Преку причестувањето, верниците ги примаат телото и крвта Христова, а тука не може да се експериментира. Ако заразата се ширеше преку причестувањето, тогаш сите свештеници, ѓакони и владици ќе беа мртви, оти ние се причестуваме по секоја литургија, секоја недела. Уште еднаш ќе повторам, луѓето кои се надвор од црквата да не се мешаат во црковните работи“, изјавил владиката Петар.

За министерот Филипче се неразбирливи ваквите ставови на владиката Петар, а уште помалку реториката со која ги отфрла препораките за заштита од коронавирусот за време на велигденските празници.

„Почитуван владико, како верски авторитет вие треба да бидете пример и први да застанете во заштита на здравјето на граѓаните, како и да не дозволите да ни се повторат грешките од минатото. Зачудува вашата негрижа за можните последици и ризиците кои ги носат одредени обичаи. Додека останатите верски институции во соседството и пошироко ги преземаат сите мерки за заштита и ги прилагодуваат обичаите, вие го правите спротивното. Моите лични напори да обезбедиме дијалог и заеднички став за тоа како да го заштитиме населението за време на празниците очигледно за вас ништо не значат“, пишува Филипче во реакцијата до владиката Петар.

Тој го потсетува дека во соработка со верските заедници, предложиле протоколи и мерки кои овозможуваат верниците да го прослават празникот намалувајќи ги ризиците од ширење на вирусот.

„Крајно разочарувачки за мене, но верувам и за многу граѓани е вашиот игнорантски однос кон овие обиди за соработка, но пред се кон безбедноста на граѓаните. Како што многу пати повторувам во последната година, битката со вирусот е заедничка и секоја алка во тој синџир на одговорност мора да функционира“, вели Филипче и апелира граѓаните да бидат максимално одговорни за време на празниците и да ги почитуваат мерките за заштита.

Владиката Петар, пак, на прашањето како ги коментира мерките што ги спроведуваат и Руската и Српската црква, одговара дека воопшто не го интересира што прават другите цркви, бидејќи „МПЦ-ОА е самостојна црква која сама ги носи одлуките“.