Владата од СДСМ денес на интерпелациски тапет во Собрание

Денес во Собранието ќе се гласа за доверба или недоверба на владата предводена од СДСМ, а одлуката од интерпелацијата ќе биде донесена на полноќ.

Ова е најнеспособната и најкриминалната власт и затоа треба да падне. Со оваа поента, пратениците на опозициската Вмро-дпмне денеска во парламентот ќе бараат да се изгласа недоверба на Владата предводена од СДСМ и ДУИ.

„Во изминатите 10 месеци СДСМ и ДУИ ги заборавија своите предизборни партиски ветувања кои ги дадоа пред граѓаните и не остварија ниту еден единствен проект и реформа со кои ја бараа довербата на граѓаните“ – се наведува во воведот на Барањето за гласање доверба на Владата.

Потпис на оваа инцијатива ставија пратениците на Вмро-Дпмне, меѓу кои е и екс премиерот и поранешен претседател на партијата, Никола Грувески. Потпис има и од пратениците Јохан Тарчуловски, за кој беше укинат домашниот притвор и на Жаклина Пешевска, за која обинителството одлучи да не покренува обвинение за крвавите настани од 27 април, 2017 година. Но, на инцијативата за гласање доверба на Владата нема потпис од пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василески, обвинети за учество во крвавиот четврток.

Партизирани институции, нарачани убиства, селективна правда – во поднесеното Барање за гласање доверба на Владата, опозицијата стокми критика за речиси сите министерства.

„Граѓаните секојдневно се жртви на грабежи, обиди за убиства, убиства, рекетирање и насилства кои минуваат неказнето. Секојдневно сме сведоци на скандали и афери поврзани со работата на Министерството за внатрешни работи. Прикривањето на убиства и криминал стана главна задача на МВР“ – критикува Вмро-Дпмне.

На тапет, меѓу другите, е и Министерството за здравство.

„Владата од своето доаѓање на власт за многу кратко време успеа да направи хаос во здравствениот систем, проследен со голем број на скандали и смртни случаи. Владата не направи ништо за здравството и не исполни ниту едно свое ветување“ – се вели во Документот со кој ќе се бара гласање доверба на Владата.

Според Вмро-Дпмне, Министерството за култура, наместо да го унапредува културниот развој, го уназадува. Опозицијата го критикува ова министерство за партизација, селекција и дискриминација на уметниците и негрижа за културното наследство. Големи забелешки има и за работата на Министерството за труд и социјална политика.

„Изневерени се пензионерите и прекинато е зголемувањето на пензиите кое е константно изминатите години. Многу манипулации, скандали и малку работа ја карактеризира работата на министерката за труд и социјална политика“ – смета Вмро-Дпмне.

Во поднесениот документ, опозицијата критикува дека се кршат човековите права и Уставот.

„За да ја одржат својата коалиција СДСМ и ДУИ посегнале кон погазување на демократијата во државата, Уставот, законите и Деловникот за работа на Собранието. Против волјата на мнозинството граѓаните насила изгласаа неуставен, неприменлив и штетен закон за двојазичност. Недозволиво е во една демократска држава којашто претендира да биде дел од НАТО и ЕУ грубо да бидат погазени и прекршени сите процедури што се наведени во Уставот и Деловникот на Собранието на Република Македонија“ – сметаат од Вмро-Дпмне.

Составен дел од критиката е спорот за името со Грција.

„Владата нема никаква стратегија ниту градење на државен консензус во однос на спорот со Грција и прашањето со името. Без никакви консултации со опозицијата и на нетранспарентен начин се одвиваат преговорите за името. Јавноста во Република Македонија и пратениците во Собранието повеќе информации за ова прашање може да најдат во странските медиуми и од грчката Влада отколку од нашата Владата и министерот за надворешни работи, што е недозволиво и неприфатливо“ – напиша Вмро-Дпмне во поднесениот документ.

Критики има и за економијата, особено за задолжувањата и неостварениот економски раст.

„Единствена земја сме во Европа која за 2017 не забележа економски раст… Имаме пад во градежништвото од 48 отсто, нема нови инвестиции и работни места, нема покачување на плати, пензии и социјална помош, а трошоците за живот вртоглаво растат. Владата дополнително ја зголеми акцизата на нафатата, а најави и повисоки даноци што негативно ќе се одрази на стандардот. Најавите за раст на БДП од 3,2 отсто останаа празно ветување. Владата брзо го заборави и своето најголемо предизборно ветување за поврат на 15 отсто ДДВ. Не оствари ниту просечна плата од 500 евра“, велат од Вмро-Дпмне.

Големи критики има и на адреса на судството, па така опозицијата смета дека наместо судски реформи, се случува политички реваншизам, уцени и притисоци.

Со поднесување на Барањето за гласање на доверба на Влада, опозициската Вмро-Дпмне практично го прекинува “тивкиот“ бојкот на Собранието. Во политики контекст кој е значаен за иднината на земјата, сега кога се интензивираа преговорите за решение за спорот со името а дома, на маса се бројни реформски закони, опозицијата според аналитичарите мораше да најде начин за да се врати во Парламентот. Но, не со празни раце. Токму Брањето за гласање доверба треба да послужи како “покритие“ за политичкото реактивирање на партијата на Мицковски, а со тоа и нејзино активно вклучување во политичките случувања.

Собраниската расправа денеска треба да заврши до полноќ, без разлика на бројот на пријавени пратеници за дискусија. За изгласување недоверба на кабинетот на Зоран Заев ВМРО-ДПМНЕ треба да обезбеди најмалку 61 глас. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски неодамна изјави дека очекува да се изгласа недоверба на Владата, и да се организираат предвремени парламентарни избори.