
Кијану Ривс и официјално се враќа во улогата на Џон Вик, овојпат во анимиран филм.
Шеесет и двегодишниот актер повторно ќе го оживее познатиот платен убиец во филм на „Лајонсгејт“, чие дејство ќе се одвива пред настаните од досегашните филмови. Според „Вараети“, приказната ќе ги прикаже почетоците на Вик и неговото исполнување на „Невозможната задача“ — да ги убие сите свои ривали во една ноќ, за да се ослободи од обврските кон Високата маса и да го заслужи правото да биде со љубовта на својот живот, Хелен.
Режијата му е доверена на Шенон Тиндл, кој претходно работел на „Кубо и двете жици“ и „Ултрамен: Подем“. Сценариото го пишуваат Рајан и Каз Фирпо.
„И во анимацијата и во светот на Џон Вик, можностите се бескрајни. А нема приказна за Џон Вик што обожавателите ја посакуваат повеќе од ‘Невозможната задача’“, изјави претходно Адам Фогелсон, претседател на филмскиот оддел на „Лајонсгејт“, кога проектот првпат беше најавен. „Шенон има извонредна визија за таа приказна и со огромна возбуда очекуваме да видиме што може да направи Џон Вик во анимиран свет.“
Овој анимиран филм е само еден од новите проекти од светот на „Џон Вик“ што се во подготовка. Франшизата досега заработи повеќе од една милијарда долари во киносалите ширум светот, па веројатно ќе следуваат уште многу проекти.
„Лајонсгејт“ подготвува и петти филм за Џон Вик, како и посебна филмска приказна за платениот убиец Кејн, кого го игра Дони Јен.
Извор: Just Jared