Книга што открива детали од животот на Ким Кардашијан стана повод за тензии во семејството, покажува најавата за епизодата на „Кардашијанс“ што ќе биде објавена во четврток, на 12 ноември, на „Хулу“.
Во најавата, 46-годишната Ким почнува да зборува за книгата: „Она што ми е особено интересно во книгата…“, но не успева да ја доврши мислата бидејќи ја прекинуваат.
Во друг дел од видеото, 70-годишната Крис Џенер бурно реагира: „Ти тукушто му ги препушти правата врз нашите животи на некој непознат“. Потоа налутено си заминува со зборовите: „Морам да одам“.
Книгата „Граѓанката Ким: Жената што ја создаде иднината“, објавена во октомври, нуди редок увид во животот на Ким. Авторот Џонатан ван Метер со години разговарал со членовите на нејзиното семејство и со блиските луѓе. Неодамна откри дека Ким му се јавила „доцна навечер“, неколку месеци пред објавувањето на книгата.
Ван Метер за „Холивуд репортер“ раскажал дека дознал оти Ким „била кај Клои Кардашијан, каде што Клои ѝ кажала дека Крис избувнала пред камерите додека го снимале шоуто“. Според авторот, Ким му пренела дека Крис викала: „Зошто Ким нè вовлече сите во ова? Зошто во книгата е мојата афера од пред 30 години?“
Според Ван Метер, неколку дена по случката Џенер веќе „била добро“.
„Тоа ќе биде прикажано во шоуто“, додал тој, пренесувајќи ги и зборовите што Ким наводно ѝ ги кажала на Џенер: „За нас се пишува сè и сешто, а потоа ќе се појави човек што нè разбира и сака да нè објасни. Зошто не би го сакала тоа?“
„Тоа беше најблиску до одговорот на прашањето зошто Ким се согласила да учествува во создавањето на книгата“, продолжил авторот.
Ван Метер не открил повеќе детали, но Џенер и претходно зборувала за аферата со Тод Вотерман, која ја имала додека била во брак со сега починатиот Роберт Кардашијан.
„Мислам дека се најдов во ситуација во која верував дека на друго место ќе ми биде подобро“, изјави Џенер во една епизода на „Кардашијанс“ од 2023 година. „И направив огромна грешка. Тоа е нешто за што најмногу жалам во животот.“
Новите епизоди на „Кардашијанс“ се објавуваат на „Хулу“ секој четврток.
Извор: US Weekly