Вака ќе изгледаше картата на Европа во 1973 ако Хитлер победеше во војната


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Едно од најомилените прашања од доменот на алтернативната историја е тоа како би изгледала Европа, па и светот, во случај Адолф Хитлер, наместо своите погрешни потези, да направеше правилни (од негова перспектива, секако!) и на крајот неговиот Големогермански рајх да излезеше победник во епскиот воен судир на глобалните титани во Втората светска војна, кој се претвори во еден од најголемите колежи кој ги запамтил светот?

Ова прашање си го поставуваат и неонацистите, си го поставуваат и тврдокорните антифашисти, како и сите оние помеѓу нив кои малку повеќе се интересираат за историјата. Додека првите тоа го прават за да си ги залечат раните од потенцијално загубениот свет кој никогаш не се остварил, вторите тоа го прават од чист мазохизам.

Една таква „пророчка“ мапа со потенцијалниот изглед на Европа доколку нацистите победеа во Втората светска војна, се појави на интернет. Не знаеме кој точно е автор на мапата, но очигледно е некој кој добро е (или бил) запознат со случувањата и историјата на Европа, а посебно на Балканот.

Една генерација после Втората светска војна, во 1973 година, „Стариот континент“ би имал драстично поинаков гео-политички изглед од оној кој го имал.

Поголем дел од Источна Европа ќе беше поделен на рајхскомесаријати (Остландски, Украински, Московски и Кавкаски), Полска и понатаму ќе беше Генерално губернаторство под директна контрола на Берлин (иако многу поверојатно е дека Русите и Полјаците би биле истребени дотогаш, а нивната земја во целост анектирана), Романија би ја добила назад Молдавија, Словачка би била унгарски протекторат.

Крим и областа северно од Крим би биле дел од Големогерманскиот рајх под име Готенленд, односно Готска земја (пред околу 1.500 години Готите навистина владееле со Крим и целиот тој простор и долго биле присутни таму – сè до 20 век на тој полуостров имало готски заедници).

На западот и северот од Европа, пак, Белгија, Холандија, Данска и Норвешка би биле четири одделни рајхскомесаријати. Италија би ја имала Истра и западните делови од Словенија, додека сето останато во Централна Европа би го „проголтала“ Германија (најважна е тука Швајцарија, бидејќи Германија во текот на војната ги „голтнала“ Чешка и источните делови од денешна Словенија).

Балканот е еден од објективно најинтересните моменти и делови на оваа мапа. Иако на крајот на војната, Хитлер се обидува преку Ванчо Михајлов да креира Независна држава Македонија, по примерот на Хрватска, овој обид го прави дури откако неговиот сојузник Бугарија е поразена од Црвената армија и ја сменува страната во војната. Инаку, при оваа алтернативна карта, Македонија не постои, односно е поделена меѓу Бугарија и Албанија, слично како што било на почетокот на војната.

Освен, Македонија, Бугарија би ја добила цела Источна Тракија. Тоа значи дека југоисточниот дел од Балканскиот полуостров, каде се наоѓа последното турско упориште во Европа и Истанбул. Со други зборови, Бугарија би го добила Истанбул како казна на Турција за тоа што одбила да се приклучи на Тројниот пакт.

И тоа не би бил крајот на бугарските аквизации. Тие би го задржале најголемиот дел на Македонија и источна Србија. Границите на Бугарија со Хрватска би биле на Морава. Албанците би го држеле Косово и западна Македонија, како и источните и југоисточните делови од Црна Гора, кои се населени со етнички Албанци, а изгледа и делови од западна Грција.

Независната држава Хрватска би се проширила дури и повеќе отколку што се проширила за време на самата војна. Покрај Срем, на поклон би ги добила и Банат, Мачва, добар дел од западна Србија, Белград и централна Шумадија со Крагујевац.

Остатокот од српската територија (Рашка, ужичкиот крај, северот на Косово и западните делови од нишкиот крај) би припаднале на Црна Гора, за евентуално да бидат под индиректно влијание на италијанската држава.

***