Проширените пори се еден од оние естетски проблеми поради кои често ја менуваме рутината за нега, пробуваме нови серуми и бараме производи што ветуваат помазна кожа. Последниве месеци големо внимание привлекуваат zero pore pads — туфери натопени со активни состојки, наменети за намалување на видливоста на порите и за поизедначена текстура на кожата. Популарноста ја стекнаа преку корејската козметика, а сè почесто се појавуваат и во виралните рутини за нега на социјалните мрежи.
Една од причините за интересот е нивната едноставна употреба. Наместо неколку одделни производи, се користат веќе натопени туфери по чистењето на лицето. Во зависност од составот, можат истовремено да помогнат во ексфолијацијата, отстранувањето на вишокот себум и хидратацијата. Но, колку навистина помагаат кај проширените пори и дали можат да создадат изглед на кожа без видливи пори?

@faceofkmw

@faceofkmw
Што се туферите за проширени пори и како делуваат?
Станува збор за туфери натопени со козметички формули за кожа со проширени пори, засилено лачење себум и нерамномерна текстура. Најчесто се поврзуваат со корејската козметика, а во составот можат да имаат киселини за ексфолијација, состојки за регулирање на себумот и состојки со смирувачко дејство.
Меѓу најчестите состојки е салицилната киселина (BHA). Таа е растворлива во масти, па може да навлезе во порите и да помогне во отстранувањето на вишокот себум и мртвите клетки. Затоа е особено корисна за мрсна и комбинирана кожа, како и за кожа склона кон митесери.
Во овие формули можат да се најдат и AHA-киселини, како гликолната и млечната, кои дејствуваат на површината на кожата и помагаат да се отстранат насобраните мртви клетки. PHA-киселините се поблага опција за ексфолијација, а меѓу другите состојки се ниацинамидот, цинкот, екстрактот од зелен чај и пантенолот.
Ваквата комбинација може да придонесе за почисти пори, поизедначен тен и помазна кожа. Сепак, ниту еден козметички производ не може трајно да ги затвори или да ги отстрани порите. Тие можат да станат помалку забележливи кога се држи под контрола вишокот себум и се отстрануваат нечистотиите што ги прават поизразени.
На кои состојки да се обрне внимание?
При изборот, составот е поважен од ветувањата на пакувањето. Салицилната киселина е добар избор за кожа склона кон митесери и затнати пори, додека гликолната и млечната киселина можат да помогнат кај нерамномерна текстура и тен без сјај. Ниацинамидот може да придонесе за регулирање на себумот, зајакнување на кожната бариера и изедначување на тенот. Цинкот често е дел од формулите за мрсна кожа, а пантенолот, алантоинот и азиската центела можат да ја смират кожата. За помазна кожа без чувство на затегнатост, предност имаат формулите што, покрај состојки за ексфолијација, содржат и состојки за хидратација и смирување.

Medicube Zero Pore Pad

Туфери Celimax за осветлување на тенот и намалување на видливоста на порите

Туфери со тоник Dr. Althea со 2% салицилна киселина
Како се користат?
Туферите обично се користат по чистењето на лицето, на сува или благо влажна кожа, според упатството на производителот. Кај некои производи, релјефната страна служи за нежно поминување по кожата и отстранување на површинските нечистотии, а мазната за завршно поминување и рамномерно нанесување на формулата. Други туфери имаат само една текстура, па затоа треба да се следат упатствата за конкретниот производ.
Важна е и зачестеноста на употребата. Иако дел од туферите се рекламираат како производи за секој ден, таквата примена не ѝ одговара на секоја кожа, особено ако содржат киселини за ексфолијација. Најдобро е да се почне со два до три пати неделно, а потоа зачестеноста да се приспособи според реакцијата на кожата и препораките на производителот. По употребата се нанесува хидратантен крем, а во текот на денот е задолжителна заштита од сонце со SPF, особено ако формулата содржи AHA-киселини.
Кому најмногу му одговараат?
Најголема корист можат да имаат лицата со мрсна и комбинирана кожа, проширени пори, митесери и нерамномерна текстура. Редовната, но умерена ексфолијација може да помогне порите поретко да се затнуваат, а површината на кожата да изгледа помазна и поизедначена.
Извор: Lepota i Zdravlje