
Тејлор Кол и Чарлс Мајкл Дејвис повторно се заедно на екранот, овојпат во новата божиќна романтична комедија на „Холмарк“, „Our Holiday Playbook“. Двајцата велат дека „Џаст Џаред“ помогнал да се случи оваа соработка.
Актерите претходно работеа заедно во серијата „The Originals“ на „Си-даблју“. Идејата за новиот филм се родила по разговорот со Тејлор на божиќното крстарење на „Холмарк“ во 2025 година.
На панелот што го водел „Џаст Џаред“, Тејлор добила прашање кого би сакала да го донесе во светот на „Холмарк“. Нејзиниот одговор бил Чарлс. Во публиката била и директорката за кастинг на „Холмарк“, Татјана Еразм, а потоа идејата почнала да се остварува.
„Најпрво морам да ви се заблагодарам. Мислам дека вие ја поттикнавте целата работа“, изјави Чарлс за „Џаст Џаред“ на средбите со новинарите што „Холмарк“ ги организираше оваа недела.
Тејлор се надоврза: „Да! На минатогодишното божиќно крстарење нè прашавте кого би сакале да го донесеме, некој што дотогаш не работел за каналот ’Холмарк‘. Јас го кажав Чарлс Мајкл Дејвис. Публиката се воодушеви. Му го испратив видеото и му реков: ’Мислам дека наскоро би можеле да ти се јават‘“.
„Искуството беше прекрасно. Филмовите на ’Холмарк‘ секогаш се полни со топлина, а во овој имаше и хумор и семејна поврзаност. За мене, ова беше одличен прв филм за ’Холмарк‘. А има и американски фудбал! И се печат колачи, па ги изедов сите мадлени. Мене ми беше одлично“, рече Чарлс.

Тејлор, која веќе една деценија снима филмови за „Холмарк“, зборуваше и за советите што им ги дава на актерите што првпат работат за каналот.
„Една од најубавите работи ми е кога на некој што е нов во светот на ’Холмарк‘ можам да му објаснам какви се обожавателите. Колку се благодарни и мили и колку овие филмови ги трогнуваат и им значат“, рече таа.
Со „Our Holiday Playbook“ улогите на некој начин се сменија: сега Чарлс влезе во светот на Тејлор, откако таа претходно му се придружи во третата сезона на „The Originals“.

„Кога дојде во ’The Originals‘, тоа беше мојот терен, мојот свет. А сега, кога дојдов кај тебе, имав можност да видам колку одлично го предводиш тимот“, ѝ рече Чарлс.
„Филмовите на ’Холмарк‘ имаат поинаква енергија, особено кога има и комедија. Во твојот свет сè беше многу поприземјено. И овие филмови имаат такви моменти и допираат такви теми, но многу ни помогна тоа што можевме да си играме и да бидеме како деца. Се познаваме, знаеме што нè засмејува и ја имавме слободата заедно да се глупираме. Тоа разбирање без многу објаснување беше најубавиот дел од нашата соработка“, додаде Тејлор.
„Our Holiday Playbook“ ќе се емитува на каналот „Холмарк“ во петок, 20 ноември, во 20 часот по источно и по пацифичко време во САД, а следниот ден ќе биде достапен на „Холмарк+“.
Извор: Just Jared