
Ендру Ранелс раскажа за средбата со Кевин Спејси зад сцената во 2011 година, кога настапувал во бродвејскиот мјузикл „Книгата на Мормон“. Според него, Спејси подоцна му испратил рачно напишано писмо со покана за состанок.
Улогата во мјузиклот награден со „Тони“ му донела голем пробив во кариерата на Ранелс. Како што се присети, познати личности често доаѓале зад сцената, а една вечер во неговата мала гардероба се нашле Спејси, Голди Хоун и сега починатиот режисер Џоел Шумахер.
Ранелс ја сподели приказната првпат неделава, при гостувањето во подкастот „Downside with Gianmarco Soresi“.
„Никогаш досега не сум ја раскажал оваа приказна. Еднаш ме покани на состанок. Ми испрати писмо во театарот каде што ја игравме ‘Книгата на Мормон’. Рачно напишано“, рече тој.
Актерот објасни дека Спејси претходно ја гледал претставата, а потоа дошол зад сцената.
„Таму секогаш доаѓаа многу интересни луѓе, но понекогаш ги носеа во нашите гардероби без никаква најава. По претставата се пресоблекувавме и некој тропна на мојата врата. Тоа беа Голди Хоун, Кевин Спејси и Џоел Шумахер“, раскажа Ранелс.
„Не беа дојдени заедно, но заедно се качија до гардеробите. И така, сите се натискавме во мојата гардероба“, додаде тој.
Извор: Just Jared