Како би се чувствувале ако еден ден се најдете на место што ви изгледа познато, но истовремено ви е сосема туѓо? Празни хотелски ходници, напуштени трговски центри, скалила без крај и простории што како да останале заглавени меѓу два света веќе подолго време го привлекуваат вниманието на социјалните мрежи. Сега таа естетика, заедно со чувството на нелагодност што го буди, сè почесто се среќава и во книжевноста. Станува збор за лиминална фикција — читателски феномен што ги замаглува границите меѓу реалното и нереалното, познатото и непознатото, воведувајќи нè во светови во кои ништо не е токму онака како што изгледа.
Што е лиминална фикција?
Изразот лиминален доаѓа од латинскиот збор limen, што значи праг. Во поширока смисла, тој опишува преодна состојба, односно простор меѓу две фази, места или идентитети. Во книжевноста оваа замисла се преточува во раскажување што ја истражува границата меѓу стварноста и фантазијата, меѓу секојдневието и нешто што не може да се објасни.
Лиминалната фикција засега не е строго определен книжевен жанр со јасно поставени правила. Повеќе станува збор за естетски и раскажувачки правец што се испреплетува со психолошкиот трилер, хоророт, фантастиката и спекулативната книжевност. Неговата цел не е нужно да го исплаши читателот, туку да го поттикне да го преиспита она што го доживува како познато и сигурно. Во ваквите приказни сонот и јавето често се мешаат, времето се однесува непредвидливо, а просторите изгледаат како да имаат сопствена свест. Ликовите неретко се соочуваат со ситуации за кои немаат рационално објаснување, додека читателот заедно со нив се обидува да ги открие правилата на светот во кој се нашле.
Зошто нè привлекуваат лиминалните простори?
Во средиштето на овој феномен се таканаречените лиминални простори. Тоа се места наменети за поминување или чекање: аеродромски терминали, хотелски ходници, празни канцеларии, железнички станици и напуштени јавни објекти. Кога во нив нема луѓе и кога ќе ги изгубат вообичаената функција и секојдневниот контекст, тие можат да предизвикаат необична нелагодност.
На интернет оваа естетика стана особено популарна преку фотографии и видеоснимки од простори што изгледаат како да се изместени од времето и стварноста. Меѓу најпознатите примери е интернет-феноменот The Backrooms, со бескрајни простории со жолти ѕидови, флуоресцентно осветлување и ходници што постојано се повторуваат. Идејата набргу ги надмина рамките на интернет-хоророт и стана инспирација за различни форми на популарната култура. Токму чувството дека препознаваме нешто во кое, сепак, нешто не е како што треба, е основата на лиминалната естетика. Во книжевноста тоа се продлабочува преку атмосферата, неизвесноста и раскажувањето што не нуди секогаш едноставни објаснувања.
Книги што ја истражуваат границата меѓу реалното и нереалното
House of Leaves — Марк З. Даниелевски
Една навидум обична семејна куќа крие нешто што им пркоси на законите на физиката: однатре е поголема отколку однадвор, а нејзините ходници постојано се менуваат. Овој необичен роман спојува психолошки хорор, мистерија и експериментална форма, создавајќи атмосфера во која читателот постепено го губи чувството за простор и стварност.

Piranesi — Сузана Кларк
Главниот лик живее во огромна градба со бескрајни сали, статуи и океански плими. Истражувајќи го тој необичен свет, тој почнува да наоѓа траги што го доведуваат во прашање сето она што дотогаш го знаел. Piranesi е приказна со впечатлива атмосфера за осаменоста, идентитетот и просторот што истовремено маѓепсува и вознемирува.

Neverwhere — Нил Гејман
Што ако под познатите лондонски улици постои сосема поинаков град, со свои правила, жители и опасности? Токму таков свет открива главниот лик во овој роман, кога ќе се најде во паралелен Лондон надвор од границите на секојдневната стварност. Гејман гради необична атмосфера во која познатите места се претвораат во премини кон непознатото.

The Hollow Places — Т. Кингфишер
Напуштен музеј со необични експонати крие премин кон место што не би требало да постои. Откако ќе открие таинствен отвор во ѕидот, главната хероина влегува во простор со чудни појави и предели што изгледаат како да припаѓаат на друга димензија. Романот ги спојува хоророт и фантастиката со силно чувство на дезориентација, својствено за лиминалната естетика.

Извор: Lepota i Zdravlje