Како е да се биде професионален Counter-Strike играч! ↓↓↓
Три економисти базирани во САД ја добија Нобеловата награда за економија за пионерски истражувања за влијанијата на минималната плата на пазарот на трудот, имиграцијата и образованието, како и за создавање на научна рамка која овозможува извлекување заклучоци од студии што не можат да користат традиционална методологија.
Дејвид Кард, по потекло од Канада, кој е професор на Универзитетот на Калифорнија во Беркли, доби една половина од наградата, додека другата половина ја поделија Џошуа Ангрист од Технолошкиот институт Масачусетс и Гвидо Имбенс, по потекло од Холандија, кој работи на Универзитетот Стенфорд.
Кралската шведска академија на науките соопшти дека тројцата „целосно ја преобликувале емпириската работа во економските науки“.
„Студиите на Кард за основните прашања во општеството како и методолошките придонеси на Ангрист и Имбенс покажаа дека природните експерименти се богат извор на знаење“, рече Питер Фредриксон, претседател на Комитетот за економски науки. „Нивното истражување значително ја подобри нашата способност да одговориме на клучни причински прашања, што е од голема корист за општеството.
Кард работеше на истражување на ресторани во Њу Џерси и во источна Пенсилванија за да ги измери ефектите од зголемувањето на минималната плата. Тој и неговиот истражувачки партнер Алан Кругер откриле дека зголемувањето на минималната плата по час не влијае на вработеноста, предизвикувајќи го конвенционалното сфаќање дека зголемувањето на минималната плата ќе доведе до помало вработување.
Работата на Кард, исто така, оспори друга востановена идеја, дека имигрантите ги намалуваат платите на работниците родени во земјата. Тој откри дека приходите на постоечките жители можат да имаат корист од новата имиграција, додека имигрантите се изложени на ризик да бидат негативно засегнати.
Ангрист и Имбенс освоија половина од наградата за разработка на методолошки прашања што им овозможуваат на економистите да извлечат цврсти заклучоци за причините и последицата дури и кога не можат да спроведат студии според строги научни методи.
Зборувајќи телефонски од неговиот дом во Масачусетс, Имбенс им рече на новинарите дека спиел кога го добил повикот.
„Целата куќа спиеше, имавме напорен викенд“ рече Имбенс. Бев апсолутно воодушевен кога ја слушнав веста“ додаде тој и рече дека бил особено воодушевен за Ангрист, кој бил кум на неговата венчавка.
За разлика од другите Нобелови награди, наградата за економија не беше воспоставена во тестаментот на Алфред Нобел, туку од Шведската централна банка во негово сеќавање во 1968 година, при што првиот добитник беше избран една година подоцна. Таа секоја година се објавува како последна.
Минатата недела, Нобеловата награда за мир им беше доделена на новинарите Марија Реса од Филипините и Дмитриј Муратов од Русија за нивната борба за слободата на изразување во земјите каде што новинарите се соочуваат со постојани напади, малтретирања, па дури и убиства.
Реса беше единствената жена наградена оваа година во која било категорија.
Нобеловата награда за литература беше доделена на танзанискиот писател кој живее во Обединетото Кралство, Абдулразак Гурнах, кој доби признание за неговата „бескомпромисно и сочувствително продирање во ефектите од колонијализмот и судбината на бегалеците“.
Наградата за физиологија или медицина им припадна на Американците Дејвид Џулиус и Ардем Патапутиан за нивните откритија за тоа како човечкото тело ја перцепира температурата и допирот.
Тројца научници ја добија наградата за физика за истражување кое пронајде ред во нешто што на прв поглед изгледа како неред, што помогна да се објаснат и предвидат сложените сили на природата, вклучително и проширување на нашето разбирање за климатските промени.
Бенџамин Лист и Дејвид В.Ц. Мекмилан ја освоија наградата за хемија за пронаоѓање полесен и еколошки почист начин за синтетизирање молекули кои можат да се користат за правење соединенија, вклучувајќи лекови и пестициди.