„Три во една“ – што ќе се случи со Месечината на 31 јануари?


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


На последниот ден од првиот месец во оваа 2018 година, жителите на дел од планетата Земја ќе имаат можност да видат редок астрономски настан – „сина, крвава супермесечина“, појава која последно се случи пред 36 години.

Настанот предизвикува големо внимание бидејќи на 31 јануари ќе се спојат три необични лунарни појави: супермесечина, сина Месечина и целосно помрачување на Месечината.

За жал, Европа не е помеѓу тие места од каде што оваа ретка појава ќе биде видлива. Во таа глетка ќе може да уживаат жителите на Северна Америка, Азија, на Блискиот Исток, во Русија и Австралија.

– Ова е редок астрономски триплет, вели Кели Бити, уредник на магазинот „Sky and Telescope“.

Супермесечината се појавува кога Месечината е најблиску до Земјата во својата орбита. Во таа точка, наречена перигеј, Месечината изгледа 14 отсто поголема и 30 отсто посјајна. Сина Месечина се нарекува втората полна месечина во месецот, појава што се јавува на секои две години и осум месеци.

Овие две појави не се ретки, но во комбинација со истовремено помрачување на Месечината последен пат се случиле пред 36 години.

За време на помрачувањето, Месечината ќе влезе во земјината сенка, поради што ќе добие портокалова или црвена боја, па така „сината“ Месечина ќе стане „крвава“.

Порамнувањето на Сонцето, Земјата и Месечината ќе трае еден час и 16 минути. Во западниот дел на САД и Канада ќе биде видливо пред зората, а на Блискот исток, во источна Русија, Австралија и Нов Зеланд ќе биде видливо навечер, кога Месечината изгрева.

За разлика од помрачувањето на Сонцето, помрачувањето на Месечината може да се гледа со голо око.

– Сме имале многу супермесечини и помрачување, но ретко се случува тоа да се поклопи со Сината Месечината, вели еден професор на физика и астрономија на универзитетот во Дејтон Бич.