Во европските градови има многу палати, дворци и стари резиденции чија намена со текот на времето се променила. Дел од нив денес се хотели: некогашните салони се претворени во ресторани, приватните библиотеки станале катчиња за одмор, а во собите се зачувани изворни архитектонски детали и мебел што раскажуваат за животот на претходните генерации. Престојот во вакви зданија му дава поинаква димензија на патувањето, поврзувајќи го со историјата, уметноста и локалната култура.
Европските хотели со историско наследство се особено интересни по начинот на кој го спојуваат минатото со современото хотелиерство. Историјата на објектите не останува само приказна: внимателно обновените ентериери и зачуваните оригинални детали стануваат дел од доживувањето на гостите. Од некогашните аристократски резиденции во Италија до познатите виенски хотели, овие три примери покажуваат како старата архитектура може да добие нов живот, а да ја задржи својата посебност.
Три европски хотели со сопствена историска приказна
„Херитиџ Гранд Пераст“ – Пераст, Црна Гора
Веднаш покрај брегот на Бококоторскиот Залив, „Херитиџ Гранд Пераст“ е сместен во палатата Смекја, едно од препознатливите историски зданија во Пераст. Палатата била изградена во 18 век, кога местото било значаен поморски и трговски центар. Во нејзината архитектура се издвојуваат елементи на венецијанскиот барок, а камената фасада, високите прозорци и деталите што потсетуваат на некогашниот живот на благородничките семејства создаваат посебна атмосфера. Денешниот хотел го поврзува ова наследство со современиот луксуз: автентичните архитектонски елементи се вклопени со внимателно уредените соби и ресторанот. Доживувањето го надополнува местоположбата, со поглед кон морето, околните планини и препознатливата панорама на Пераст.


Хотел „Захер“ – Виена, Австрија
Меѓу историските хотели што со децении прераснале во симболи на своите градови, посебно место има виенскиот хотел „Захер“. Отворен во 1876 година, спроти Виенската државна опера, уште од почетокот бил омилено собиралиште на аристократи, уметници и бројни познати гости. Неговото минато е нераскинливо поврзано со прочуената торта „Захер“, еден од најпознатите гастрономски симболи на Австрија. Раскошните лустери, класичниот мебел, уметничките дела и богатите текстилни детали го обликуваат ентериерот, а дел од просториите и денес ја доловуваат атмосферата на старите виенски салони. Покрај тоа што нуди луксузен престој, хотелот е и дел од културниот идентитет на Виена, па е интересен за патниците што сакаат да го запознаат градот преку неговата историја и традиција.

@incognitotrvlr

@odebulog

@monikainthenow
„Аман Венеција“ – Венеција, Италија
На брегот на Големиот Канал, во раскошната палата Пападополи од 16 век, се наоѓа „Аман Венеција“ – впечатлив пример за поврзување на историското наследство со современиот луксуз. Во палатата некогаш живееле аристократски семејства, а денес во неа работи ексклузивен хотел што го зачувува автентичниот карактер на зданието. Ентериерите се одликуваат со насликани тавани, позлатени детали, монументални лустери, антиквитети и уметнички дела. Во одделни простории има и фрески што сведочат за богатата уметничка традиција на Венеција. Особена вредност имаат приватните градини, реткост во овој дел од градот, како и салоните со поглед кон каналот. Овој хотел покажува како историскиот идентитет на една градба може да се зачува и тогаш кога таа добива нова намена и современи содржини.

Извор: Lepota i Zdravlje