Треба да ги контролира судиите, а ја казнија оти не го пријавила имотот на време


Како е да се биде професионален Counter-Strike играч! ↓↓↓


Претседателката на Судскиот совет, Павлина Црвенковска, не го пријавила на време својот имот во Државната комисијата за спречување на корупцијата и за ова ќе плати глоба од 150 евра. Од ДКСК велат дека при собирањето на документите за имотот на Црвенковска, констатирани биле низа недоследности во податоците, а тие за ова ќе испратат известување и до обвинителството.

„Во колегиумот спроведена е постапка за издавање на констатираниот прекршок и издавање мандатен налог за плаќање глоба за недоставување на анкетниот лист навреме, а оваа постапка ќе продолжи. Има недоследности во податоците истакнати во анкетниот лист, има фирми кои се во сопственост на блиски лица, брачниот другар, а сомневањата што ги констатиравме во однос на приватни и правни лица веќе не се наша надлежност. Ние го пронајдовме тоа додека прибиравме информации. За она што го констатиравме при нашата истрага и прибирањето информации ќе го известиме Јавното обвинителство“, рече Нури Бајрами, член на ДКСК.

Уште пред изборот на Црвенковска за претседателка на Судскиот совет, здружението на оштетени штедачи од Еуростандард банка Правда за штедачи предупредија на нејзината поврзаност, заедно со нејзиниот сопруг, во грабежите од оваа банка.

„Ова е резил. На чело на судиите да биде личност која крие имот, за која најверојатно ОЈО ќе отвори постапка. Таа треба да одлучува дали некој судија е корумпиран или не, а самата таа е заглавена во криминал. Оставка веднаш. Ова е уште еден резил за судството. Таа нема право да истражува корупција и нечесно работење кај судиите. Ние штедачите уште пред да ја изберат знаевме за неа, пишувавме, а еве сега јавноста треба да дознае како ги мести и средува предметите за Еуростандард банка“, вели еден од штедачите.

Лани на 7 мај Правда за штедачи објави дека треба итно да се испита како работела фирмата „Екопласт рисајклинг“ која земала и не вратила кредит од 1,6 милиони евра од Еуростандард банка, а овие пари и фирма не биле дел од анкетниот лист на Павлина Црвенковска, новоизбраната претседателка на Судскиот совет, инаку сопруга на Зоран Црвенковски, сопственик на „Екопласт рисајклинг“. Таа тогаш изјави дека фирмата на нејзиниот маж во 2014 година сакала да инвестира во фабрика за рециклажа на пластика и за таа цел подигнала неколку кредити од банката и сите средства кои се земени се наменски, подигнати според сите законски прописи и ниту еден денар не завршил во приватни џебови на луѓе во или надвор од државата.

Според Правда за штедачи постои сомневање дека земените пари како кредит од Еуростандард банката не завршиле во билансите на фирмата за наменско инвестирање во фабриката за рециклажа, како што јавно тврди Павлина Црвенковска. Тие тогаш побараа финансиската полиција да ги провери овие сомневања за фирмата должник „Екопласт рисајклинг“ од Скопје и да преземе активности од својата надлежност.

„Според извештајот за банката од стечајниот управник Душко Тодевски, ‘Екопласт рисајклинг’ нема вратено ниту еден денар 803 дена од земањето кредит и до затворање на банката 2020 година… Како раководството на банката одобрило кредит на фирма која апсолутно не била кредитоспособна и бонитетна да исплаќа кредит!? Како тоа фирмата нема платено ниту една рата, ниту еден денар цели 27 месеци до затворањето на банката, а никој не реагирал ниту пак преземал нешто? Како е можно да се даде високоризичен ненаплатлив кредит од 1,6 милиони евра, а гувернерката Анита Ангеловска Бежоска, видела, знаела, но молчела и не реагирала? Од кога тоа се даваат милионски кредити со четири пати помало обезбедување на фирми кои се презадолжени и во загуби, кои немаат никакви критериуми за враќање на било какво задолжување? Што е ова ако не чист грабеж….“, прашуваат од здружението Правда за штедачи.