Трансферот со мандатот во 1992 помеѓу Глигоров, Гошев и Црвенковски


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Од кабинетот на претседателот брифираат дека Иванов со одлуката да побара доказ за мнозинство во парламентот доволно за формирање влада не го прекршил Уставот, ниту пак направил преседан. Првиот пат тоа го направил врз основа на претпоставено мнозинство, а барањето потписи за мнозинство, врз основа на веќе воспоставена практика од поранешниот претседател Киро Глигоров, пренесува Мкд.мк.

Од 2008 година ВМРО ДПМНЕ и ДУИ се во коалиција и досега немало никаков проблем во нивното партнерство, велат од кабинетот (во 2008 година ВМРО ДПМНЕ освои 63 пратеници, ДУИ 18, 2011 ВМРО ДПМНЕ 56, ДУИ 15, 2014 ВМРО ДПМНЕ 61, ДУИ 19, 2016 ВМРО ДПМНЕ 51, ДУИ 10).

Годинава, овие две партии иако имаа мнозинство не успеаја да се договорат за нова влада. Предавањето на мандатот на Никола Груевски, претседателот на ВМРО ДПМНЕ, партијата со освоени најмногу пратенички места, е направено врз основа на претпоставено мнозинство, врз основа на долгогодишното партнерство на оваа партија со ДУИ.

Од кабинетот брифираат и за белешките, писмата и соопштенијата од кабинетот на претседателот Киро Глигоров од периодот кога се формираше влада во 1992 година.

Според овие белешки, претседателот Глигоров во 1992 година се консултирал со лидерите на политичките партии откако претходно Љубчо Георгиевски, тогашниот претседател на ВМРО ДПМНЕ, партијата со најмногу освоени пратеници 37, го вратил мандатот и го известил шефот на државата дека не успеал да состави влада.

На 14 јули 1992 година Глигоров го повикал Бранко Црвенковски, тогаш претседател на СДСМ, и побарал неговата партија да предложи мандатар. Црвенковски го предложил Петар Гошев. Откако партијата обезбедила мнозинство во коалиција со пет други партии, Гошев го добил мандатот.

До оваа одлука претседателот на Републиката дојде откако претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Република Македонија, Бранко Црвенковски, го информира претседателот Глигоров дека неговата партија, на која и беше доверен мандатот да посочи кандидат за мандатор на Влада на Република Македонија, по широките консултации со најголемиот број партии застапени во Републичкото собрание успеа да обезбеди парламентарно мнозинство и се определи за можниот кандидат Петар Гошев, се вели во соопштението од кабинетот на Глигоров од 17 јули 1992 година.

Дваесет дена потоа Глигоров добива известување од Гошев дека не успеал да состави влада, па СДСМ, како партија што веќе има парламентарно мнозинство, го известува претседателот дека за нов мандатар го предлагаат Бранко Црвенковски. На 16 август од кабинетот на Глигоров соопштуваат дека согласно со член 90 од Уставот го определиле Бранко Црвенковски за мандатар за состав на влада.

По ова, ВМРО ДПМНЕ поднесува иницијатива до Уставниот суд за испитување на уставноста на оваа одлука на претседателот Глигоров. Судот ја отфрли иницијативата и потврди дека претседателот Глигоров со одлуката да му го даде мандатот на Црвенковски, односно на СДСМ по вторпат да состави влада, не го прекршил Уставот. Освен тоа, Уставниот суд навел дека доделувањето мандат за состав на влада е уставно овластување на претседателот.

Деновиве, во изјава за ТВ Телма Петар Гошев рече дека тогаш не се случил никаков преседан во одлуката на Глигоров. Не постои повреда на Уставот. Мандатот го вратив како личност и мандатот не можеше да и биде доделен на друга партија затоа што тогаш само СДСМ можеше да формира мнозинство од 61 пратеник, рече Гошев.