Трамп се закани: Нема мир додека Иран развива нуклеарно оружје


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека САД нема да дозволат Иран да поседува нуклеарно оружје. Трамп ова го порача во првото обраќање по иранскиот ракетен напад брз американските бази.

Трамп појасни дека нема ниту американски, ниту ирачки жртви во нападите. Ја оправда ликвидацијата на иранскиот генерал Солејмани зашто како што рече тој бил закана за многу дипломатски цели. Најави низа строги санкции додека како што рече Техеран не го смени однесувањето.

„Иран мора да ги отфрли нуклеарните амбиции и да стави крај на поддршката на тероризмот. Време е Британија, Германија, Франција, Русија и Кина да ја препознаат реалноста. Иран може да биде голема земја. Но, мирот и стабилноста не можат да завладеат на Блискиот Исток додека Иран врши насилство“, изјави Трамп.

Обраќањето на Трамп е одговор на 20-тина ирански балистички ракети, кои во два часот утрината по локално време беа истрелани врз двете ирачки бази Ирбил и Ал Асад, во кои се сместени американски војници.

Техеран соопшти дека во нападите загинале 80 американски војници, но информацијата беше категорично демантирана од Пентагон дека нема американски жртви. Врховниот ирански лидер Хамнеи порача дека се уште ништо не е завршено, додека целосно не се отсече американската нога во регионот.

-Синоќа им удривме шлаканица во лицето. Но, воената акција во оваа форма не е доволна да ја одмазди смртта на Сулејмани. Она што е важно е дека мора да се стави крај на коруптивното присуство на САД во регионот, изјави Али Кхаменеи, врховен лидер на Иран

Во меѓувреме, Иран ги предупреди сите американски сојузници кои имаат отстапено бази, како Саудиска Арабија, Кувајт, Јордан, Бахрејн дека ќе бидат следна мета ако станат појдовна точка за американските акции во регионот. Во исто време, Техеран објави и вознемирувачко монтирано видео, на кое се симулира атентат на американскиот претседател.

Техеран, за непријател го означи и Израел, чиј премиер денеска се закани дека заедно со САД жестоко ќе одговорат на евентуален напад.

-Израел целосно стои зад САД и ги оправдува. Америка нема подобар пријател од Израел и Израел нема подобар пријател од Америка. , изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел

САД во Ирак партципираат со пет илјади војници и повторија дека немаат намера да ги повлечат. Вчерашните ирански напади се најдиректен атак врз САД од заземањето на американската амбасада во Техеран пред 40 години, оценети како одмазда поради атентатот на иранскиот генерал Сулејмани минатата недела.