Тимотеј за учеството на МПЦ во бизнисот со мали хидроцентрали: Сакаме да вложиме средства за да оствариме добивка


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Откако пред неколку дена македонските медиуми ја пренесоа информацијата дека Македонската Православна Црква се јавува како учесник во фирма за производство на електрична енергија ХЕЦ Драгов Дол, заедно со други правни субјекти, за ова се огласи владиката Тимотеј.

„Црквата во моментов располага со одредени финансиски средства и сметавме дека е добро тие да не седат така туку да се вложат во нешто, за да се оствари добивка“ – вака Тимотеј за Слободен печат одговара на прашањето околу влезот на МПЦ-ОА во бизнис со мали хидроцентрали.

„Зошто контроверзен? Ако овие проекти се одобрени од државата, Црквата нема причина да ги гледа како проблематични“ – вели Тимотеј.

Пред 6 дена Истражувачката репортерска лабораторија ја пренесе веста за формирање на компанија за производство на електрична енергија во која учество зела и МПЦ, откако претходно црквата влезе во градежниот бизнис.

Освен МПЦ, основачи на компанијата „Друштво за производство на елекрична енергија Хец Драгов дол коо Кичево“ се и Сретен Миладиновски, Александра Аврамовска, Слободан Јовески и фирмата „Мелничко пекарска индустрија Жито Караорман АД Кичево“.

Тимотеј за ИРЛ додаде дека одлучиле да вложат во изградба на мала хидроцентрала.

„Планирано е хидроцентралата да се гради на реката Треска, но идејата се уште е во зародиш. Кај нас често се случува некои работи да се започнат, но не секогаш се завршуваат. Се надевам дека оваа идеја ќе се реализира“, вели Митрополитот Тимотеј.

Тој не знаеше дали се веќе поднесени барањата за лиценца за производство на електрична енергија.

„За тоа има посебни луѓе и јас навистина не знам до каде е таа работа“, одговори Митрополитот.

Тој вели дека со партнерите досега не соработувале, но лично се познавале. Компанијата е регистрирана на домашната адреса на Аврамовска во Кичево. Управител е Сретен Миладиновски. Според основачкиот договор, Миладиновски ако треба да изврши плаќања кои се поголеми од 1000 евра, ќе мора да добие и потпис од МПЦ.

Управителот Миладиновски, кој е сопственик и на „Жито Караорман АД“ не е нов во бизнисот со струја. На име на „Жито Караорман“, регистрирани се уште две компании за производство на електрична енергија „Хец 408“, а „Жито Караорман“ со општината Македонски брод има склучено и договор за јавно приватно партнерство за изградба на мала хидроцентрала на реката Треска.

МПЦ-ОА две години под истрага на УЈП

Управата за јавни приходи лани во јануари најави дека истражува дали МПЦ – ОА работи законски, но досега нема никаков резултат од оваа истрага.

Во одговорот кој УЈП го испрати до ИРЛ пишуваше дека службите на Управата вршеле проверки, утврдување и оценување на состојби што се од важност по основа на даноците. Тогаш од УЈП не сакаа да откријат повеќе информации за истрагата затоа што тоа би значело прекршување на Законот за даночна постапка во делот на даночна тајна.

МПЦ – ОА низ годините се најде во центарот на повеќе бизнис-политички скандали, а последниот кој беше обелоденет е за изградбата на станбено-деловниот објект кој беше планиран да се гради во центарот на Скопје спроти хотелот „Холидеј ин“.

Фирмата „Обновители“, која е основана од Македонската православна црква и од сопственикот на Фешн груп, Зоран Антиќ, од Министерството за транспорт и врски купија 9 илјади метри квадратни државно земјиште на кое планира да изградат три висококатници со што станаа сопственици на градежен плац од вкупно 14 илјади метри квадратни.