Тензична реторика: Вучиќ и Тачи прават муабет за размена на територии, Харадинај се заканува со воена сила


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Претседателите на Србија и на Косово, Александар Вучиќ и Хашим Тачи, на средбата во Брисел, како централна тема на разговорите ќе ја имаат размената на територии – геополитички потег против кој се водечките земји во Европа. Политичките експерти стравуваат дека прекројувањето на границите ќе доведе до нова војна на Балканот, пишува московскиот весник Комерсант.

Весникот вели дека преговорите меѓу Белград и Приштина се водат веќе неколку месеци, но дека вистински напредок не е постигнат, и додава, повикувајќи се на извори блиски до српските власти, дека ЕУ им поставила еден вид ултиматум да се договорат со Приштина до почетокот на 2019 година, бидејќи во спротивно интеграцијата во ЕУ ќе биде блокирана, пренесува МКД.МК.

Дипломатски извори на Комерсант од земјите на ЕУ објаснуваат дека Брисел не бара од Белград да го признае Косово, но дека нормализирањето предвидува членство на Косово во меѓународните организации, вклучувајќи ги и ОН, и дека Приштина треба да се согласи со создавањето на Заедницата на српски општини.

„За Белград не е лесно да ја прифати таа формула, што значи официјално да признае дека го загубил Косово“, вели весникот.

Дневникот потсетува дека во српскиот Устав постои одредба што предвидува дека Косово е неодвоив дел од Србија, истакнувајќи дека со тоа Вучиќ ризикува не само да го загуби рејтингот, туку и да биде обвинет за предавство на националните интереси.

Комерсант вели дека исто така неочекувана била идејата на Тачи, кој „претпазливо“ се заложил за „корекција на границите“, со што Вучиќ и Тачи „фактички ја означиле формулата за нормализација на односите преку размена на територии“.

„Активното лобирање на претседателот на Србија во западните центри за прецртување на границите на Косово е објасниво. Без поддршка на таа идеја во клучните земји идејата е неизводлива, а перспективата во голема мера зависи од ставот на светската заедница“, вели весникот.

Комерсант додава дека Москва по повод размената на територии меѓу Белград и Приштина не се изјаснува конкретно.

Весникот додава дека повеќето експерти за Балканот стравуваат дека размената на територии по етнички принцип ќе ја отвори Пандорината кутија во регионот, бидејќи може да реши еден проблем, а да отвори илјада други.

„По косовската размена, и Република Српска ќе тргне кон обединување со Србија, по што ќе стане неизбежен распадот на Босна“, го пренесува Комерсант хрватскиот аналитичар Владо Вурушиќ.

„Ни Хрватска нема да остане настрана, припојувајќи си ги хрватските делови од Босна. И локалните муслимани и нивните патрони од Турција сигурно ќе ги свртат очите кон муслиманската област во Србија Санџак. Потоа ќе дојде ред и на Македонија и, можеби, на Црна Гора. Домино-ефектот ќе стане неповратен.“

Косовскиот премиер, пак, Рамуш Харадинај, цврсто стои на ставот дека никој нема право да зборува за границите на Косово и нивно редефинирање, додавајќи:

„Ако српските тенкови ја преминат косовската граница, ние сме тука, никој друг не е тука”, рече Харадинај.

Косовскиот претседател, Хашим Тачи, ја има довербата на косовските институции во однос на дијалогот за заемно признавање со Србија, но не и за преговорите за границата, потенцира Харадинај.