Кошулите со тантела имаат нешто што често им недостига на едноставните модели: изразен карактер што може да ја направи впечатлива и најсведената комбинација. Најчесто ги поврзуваме со романтичен стил со ретро-призвук, а понекогаш и со посмели вечерни изданија. Токму можноста да се носат на различни начини ги прави интересен дел од гардеробата. Оваа сезона повторно се присутни, но со поинаков пристап. Наместо да ги чувате само за посебни пригоди, есенва и зимава комбинирајте ги со парчиња што ќе им дадат посовремен изглед.

@lkly_designs
Тантелата не е само за свечени пригоди
Тантелата постојано се враќа во модните колекции, секојпат во ново издание. Во актуелните колекции се издвојуваат романтичните блузи, проѕирните ткаенини и деталите инспирирани од ретро-естетиката. Но овој тренд не е интересен само поради враќањето на женствените силуети, туку и поради начинот на кој ги комбинираат дизајнерите и модните познавачки. Тантелата веќе не е наменета исклучиво за свечена облека: се носи со тексас, кожа, парчиња со строг крој и едноставна секојдневна облека.
Затоа кошулата со тантела не мора да изгледа романтично во класична смисла. Црните проѕирни модели можат да бидат мошне елегантни, белите имаат доза француски шарм, а оние со вметнати делови или ракави од тантела се подискретен начин да го внесете трендот во облекувањето.

@saulee
Како да ја комбинирате кошулата со тантела
Особено впечатлив спој се добива кога ќе се сретнат два сосема различни стила. Романтичната кошула со тантела носете ја со фармерки со рамни или широки ногавици, едноставен ремен и чевли со висока потпетица и шпицест врв. Ако моделот е попроѕирен, под него можете да облечете топ во иста боја. Така ќе добиете комбинација што не изгледа претерано дотерано, а сепак е доволно впечатлива за вечерно излегување.
За вечера или некое посебно излегување, добар избор е кошула со тантела во спој со панталони со широки ногавици. Особено убаво изгледаат црните модели со проѕирни детали, комбинирани со панталони со висок струк, впечатливи обетки и мала вечерна чанта. Нема потреба од многу накит, бидејќи тантелата сама по себе е доволно ефектна.
Ако не сакате тантелата да изгледа премногу романтично, носете ја кошулата под кожено сако. Нежната текстура на ткаенината ќе дојде до израз наспроти поцврстата форма на коженото сако или јакна. Дополнете со темни панталони и чизми или салонки. Контрастот меѓу нежното и погрубото ѝ дава посовремен изглед на целата комбинација.
За да ја нагласите романтичната страна на трендот, спојте ја кошулата со тантела со сатенско здолниште со миди-должина. Одберете блиски нијанси, на пример црна, кафеава или боја на шампањ, за текстурите да дојдат во преден план. Оваа комбинација е погодна за вечерни настани, прослави или романтични излегувања.

@the.puh

@the.puh
Извор: Lepota i Zdravlje